• понеделник, 25 ноември 2024

Израелските војници стигнаа до населбата каде што се наоѓаат домовите на лидерите на Хамас

Израелските војници стигнаа до населбата каде што се наоѓаат домовите на лидерите на Хамас

Газа, 19 ноември 2023 (МИА) - Израелската армија денеска соопшти дека се судрила со оперативците на Хамас во населбата Римал во Појасот Газа и открила 35 влезови кои водат до подземната мрежа на тунели и командни центри на Хамас и дека е пронајдено големо количество оружје.

Како што е наведено, во населбата Римал има „резиденции на високи функционери на Хамас кои ја презедоа контролата врз тамошните згради за да управуваат со терористичките активности“, пренесоа израелските медиуми.

Единици од падобранци, тенкови и членови на борбени инженерски единици се бореа против Хамас во Римал и во населбата Шеик Иѓлин.

Поголемиот дел од Римал, некогаш една од најбогатите населби, претрпе големо уништување во воздушните напади.

Израелските сили влегле и во воен камп во населбата Римал и пронашле складиште за оружје и седум ракетни фрлачи.

Во саботата, армијата ги прошири своите операции на неколку области во северниот дел на Појасот Газа кои се сметаат за упоришта на Хамас, вклучувајќи ги и населбите Зејтун и бегалскиот камп Џабалија.

Планирани се операции и во Шеџаија, каде Хамас и нанесе големи загуби на израелската армија во претходната војна во 2014 година.

Војската, пак, објави дека во саботата биле убиени тројца резервисти, со што бројот на загинати војници од почетокот на копнените операции во Газа на 27 октомври се искачи на 61.

Војната меѓу Израел и Хамас трае веќе 44 дена, а започна на 7 октомври по ненадејните напади на палестинските екстремисти од Газа кои ја пробија граничната ограда и навлегоа на јужна израелска територија. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан