• петок, 22 ноември 2024

Израелската армија ја заврши тринеделната операција во Џабалија, на северот на Појасот Газа

Израелската армија ја заврши тринеделната операција во Џабалија, на северот на Појасот Газа

Тел Авив, 31 мај 2024 (МИА) - Израелската армија денеска соопшти дека ја завршила тринеделната операција во Џабалија, на северот од Појасот Газа, и најави продолжување на борбите во другите делови на палестинската енклава.

Американските медиуми пренесуваат дека за овие три недели во источна Џабалија се убиени стотици исламистички борци, беа уништени десетици цели и борбени комплекси, а беа лоцирани стотици парчиња оружје.

Дополнително, уништени се над десет километри подземни тунели, а пронајдени се телата на седум заложници и вратени на нивните семејства во Израел.

На почетокот на мај, израелските војници се вратија во Џабалија и околните области во северниот дел на Газа, неколку месеци по првичната операција.

ОН соопштија дека околу 100.000 Палестинци се раселени поради израелската наредба за евакуација.

Офицерите на ИДФ (Израелски одбранбени сили) ги опишаа борбите во Џабалија како едни од најинтензивните во оваа осуммесечна војна.

Израелските медиуми јавуваат дека бегалскиот камп Џабалија е еден од најгусто населените и дека војниците на ИДФ биле под силен оган од оперативците на Хамас.

Израелската војска тврди дека Хамас ја претворил цивилната инфраструктура во Џабалија во утврден борбен комплекс и дека војниците напаѓале од училишта и други места каде цивилите се засолниле и изградиле мрежа од тунели под цивилните згради.

Израелската армија тврди дека врз нивните војници биле истрелани околу 120 противтенковски проектили, на многу места биле поставени експлозивни направи, пукале снајперисти и дронови фрлале бомби.

Истовремено за три недели израелската армија извршила над 200 воздушни напади, при што загинале вооружени лица, вклучително и команданти на Хамас. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан