• недела, 22 декември 2024

Израелската армија негира дека ги закопала телата на Палестинците во масовни гробници во болница во Газа

Израелската армија негира дека ги закопала телата на Палестинците во масовни гробници во болница во Газа

Ерусалим, 23 април 2024 (МИА) - Израелската армија денеска ги отфрли обвинувањата дека ги закопала телата на Палестинците во масовни гробници во болница во Појасот Газа, велејќи дека ги ископала, а потоа повторно ги закопала телата таму во потрага по телата на израелските заложници.

„Обвинувањата дека израелската армија таму ги закопала телата на Палестинците се неосновани“, соопшти армијата.

Како што се додава, за време на операцијата во областа на болницата Насер во градот Кан Јунис, армијата во обид да ги лоцира заложниците и исчезнатите, ги прегледала телата закопани од Палестинците, „внимателно“ и само на места каде што „разузнавачките податоци укажуваат на можно присуство на заложници, соопшти армијата и даде уверување дека го зачувала достоинството на загинатите“.

„Испитаните тела кои не беа тела на заложниците се вратени на нивното место“, додаваат од армијата.

Претставник на Цивилната одбрана на Појасот Газа денеска потврди дека неговите тимови од саботата пронашле тела на околу 340 луѓе во масовни гробници во околината на болницата Насер.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, во денешното соопштение рече дека е ужаснат од уништувањето на болницата Насер, како и Ал Шифа во градот Газа и откривањето на масовни гробници во и околу тие места.

Тој повика на „независна, чесна и транспарентна истрага за мртвите“ и побара да се вклучат меѓународни истражители со оглед на „климата на неказнивост што преовладува“.

Болниците во Појасот Газа беа цел на израелската армија за време на воената операција започната на палестинска територија по нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври.

Израел го обвинува Хамас дека ги користи болниците во Појасот Газа како командни центри, што Хамас го негира. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан