• понеделник, 23 декември 2024

Изложени ликовни творби од ученици по повод Националниот комеморативен ден на Израел - Јом Хашоа

Изложени ликовни творби од ученици по повод Националниот комеморативен ден на Израел - Јом Хашоа

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - По повод одбележувањето на Националниот комеморативен ден на Израел -  Јом Хашоа, кој е посветен на хероизмот во Варшавското гето, денеска во Меморијален центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје е отворена изложба од ликовни творби на ученици кои учествуваа на наградниот конкурс „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Учесниците низ своја призма создадоа дела поврзани со Холокаустот.

Конкурсот беше распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и се состои од три проекти - ликовен, литературен и дигитална содржина.

Согласно одлуката од жири комисијата, првото место го освои Мартин Николовски, деветто одделение од основното училиште „Љубен Лапе“ од Скопје, чиј ментор е Сузана Михајловска. Второто место го освои Сара Гигова од основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, чиј менторот е Дејан Марков, а третото место го доби цртежот изработен од Илина Талеска, деветто одделение чиј ментор е Марга Масеска.

Како што изјави на отворањето на изложбата Жаклина Мучева, раководител на секторот за едукација на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, повеќето од делата кои се изложени се поврзани со две книги кои што учениците ги читаат - „Ана Франк“ и „Момчето во пругасти пижами“.

Таа испрати апел до сите наставници оваа литература да ја прошират, бидејќи како што посочи, имаме содржини кои што можат да го збогатат знаењето на сите ученици.

-Оваа изложба ја отвораме традиционално и навистина сме горди на проектот бидејќи се она што го добиваме од учениците во основните училишта во нашата земја во овие 13 години, за нас е големо богатство. Децата низ својата призма, низ призмата на историјата и она што го учат на единствениот училишен час кој што го имаат на програмата за Холокауст и она што го учат овде во Меморијалниот центар преку поставката и работилниците кои што ги организираме за нив, навистина можете да видите дека создадоа дела кои што се излезени од детската имагинација, креативност, но и вештина и таленти, посочи Мучева.

Таа информираше дека оваа година добиле 90 трудови од повеќето училишта во нашата земја. Изложени се околу 50 цртежи кои се најдобри, според одлуката на жири комисијата. Сертификати ќе добијат сите учесници, и училиштата и менторите.

Маја Наноу, член на Управниот одбор на Еврејската заедница во обраќањето пред отворање на изложбата посочи дека Јом хашоа е ден на сеќавање на холокауст и хероизам. На овој ден Израел и сите Евреи во светот им оддаваат почит на шест милиони Евреи убиени од нацистичкиот режим на нацистичка Германија и нивните сојузници и соработници.

- На овој ден се сеќаваме и оддаваме почит на милионите животи загубени за време на Холокаустот, мрачно и нечовечко поглавје во историјата. Се сеќаваме на оние кои беа жртви на најгрозоморната нетолеранција, омраза и варваство, како и на актите на храброст и хуманост што произлегоа, од херојските напори на оние кои се спротивставија, до храбрите поединци кои ги ризикуваа своите животи за да ги спасат другите, наоѓајќи светлина во темнина, рече Наноу.

Таа напомена дека и нашата држава рамо до рамо со целиот прогресивен свет им оддава почит на своите 7.144 Евреи, жртви на нацизмот, депортирани во логорот на смртта во Треблинка.

-Македонија не ги заборави своите 7.144 убиени Евреи и почитувајќи ги највисоките светски стандарди во одбележувањето на холокаустот, изврши денационализација на еврејските имоти без правни наследници и ние заедно го изградивме овој Меморијален центар, рече Наноу.

Самоил Садикарио, член на еврејската заедница изјави дека ќе продолжат да го кажуваат наративот за Холокаустот, со цел да допре во свеста на луѓето.

-Изразувам големо жалење за сите холокаусти, еврејски и нееврејски, кои се случија на овој свет, многу животи отидоа само заради некои луди идеи што постоеја и се уште постојат. Во Македонија е можеби најрадикалниот Холокауст во однос на проценти. Поточно, 99 проценти од Евреите се депортирани во логорот Треблинка, но секако и во другите земји бројките се огромни, рече Садикарио.

Пред отворањето на изложбата, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија Соломон Садикорио ги запали шесте меморијални свеќи.бт/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан