• понеделник, 23 декември 2024

Изложба „Пукнатини/трансформација“ на Благојче Наумоски во македонскиот КИЦ во Истанбул

Изложба „Пукнатини/трансформација“ на Благојче Наумоски во македонскиот КИЦ во Истанбул

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА)  - Во македонскиот Културно информативен центар во Истанбул вечер во 19 часот ќе биде отворена изложба „Пукнатини/трансформација“ на Благојче Наумоски.

-Изложените педесетина дела со својата колоритност и свежина ни најавуваат радост и повторно креативно будење по долгата и исцрпувачка пандемија. Гледаме експлозија на бои и своевиден спој на графика, невербален плакат и сликарство. И покрај изразениот дигитално-графички израз на делата, тие прикажуваат богати текстури што не ја губат сликарската суптилноста. Репетитивноста на мотивите, карактеристична за Енди Ворхол, како и специфичните колорни шеми од кои некои потсетуваат на графичкиот дизајнер и уличен уметник Шеперд Фери (познат како Оби Џајант), пренесуваат во забавниот свет на поп артот и графичкиот дизајн, но апстрактниот пристап и отсуството на наративни елементи нѐ враќа до намерата на авторот да ни сервира чист ликовен концепт, стои во најавата за изложбата. 

Благојче Наумоски, е роден на 02.04.1985 година во Кичево. Дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот “СВ КИРИЛ И МЕТОДИЈ” Скопје, педагошки отсег насока сликарство во класата на проф.Рубин Корубин. Во 2009 година станува магистер од област сликарство кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 година е член на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот АД АКТА. Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за Арт и Дизајн при Европскиот Универзитет на Република Македонија. Во 2016 година станува доцент на истиот факултет. Моментално е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн. Има излагано во Берлин (Германија), Њујорк (САД), Љубљана (Словенија), Париз (Франција), Хаифа (Израел), Прага (Чешка), Софија (Бугарија), Приштина (Косово), Виена (Австрија), Отава (Канада) и.т.н. Исто така има учествувано на повеќе ликовни колонии. Во изминатиов период има реализирано осумнаесет самостојни и повеќе групни изложби.свс/лв/

Фото:Благојче Наумоски

Остани поврзан