• вторник, 24 декември 2024

Изложба по повод 120 години од раѓањето на Вангел Коџоман

Изложба по повод 120 години од раѓањето на Вангел Коџоман

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Во организација на Националната галерија на Северна Македонија вечер во Даут-пашин амам ќе биде отворена изложба посветена на доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман. Изложбата е по повод 120 години од неговото раѓање.

Посетителите ќе имаат можност да се потсетат на неговиот живот и творештво, неговите портрети и пејзажи, боите и светлината на неговиот роден крај.

Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност.

-Важно е да потсетиме на огромните напори што овие автори ги вложувале во своето творештво за осовременување на македонскиот ликовен и културен живот, кој се одвивал во тешки економски и општествено-политички услови. Тие твореле во времиња кога уметноста не ѝ била толку блиска на пошироката јавност, во период обележан од војни, сиромаштија и несигурност. Делата на овие автори за нас претставуваат и своевидно сведоштво за тие минати времиња, белези се што нѐ потсетуваат на промените кои се случувале, а кои уметниците ги доживувале на ним својствен длабок, емотивен, индивидуален начин, нагласуваат од Националната галерија.

Ликовниот опус на Вангел Коџоман е многу голем. - Пред сѐ, тоа се должи на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија. Оттука ја црпи својата истрајност, дисциплинираност и посветеност кон работата. Третманот на сите техники во кои се изразува за него имаат иста важност и вредност, како и темите кои ги обработува во текот на својот творечки живот, што ќе го одбележи како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како сликар на македонското поднебје.До крајот на својот живот (1994) вредно, одговорно и со огромна љубов ќе биде посветен на својот занает: уметноста и сликарството. Улогата на Вангел Коџоман како еден од основоположниците на македонската модерна уметност ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност, потенцираат од Националната галерија. 

Куратор на изложбата е Александра Зиновски Вилиќ, а ќе биде поставена до 20 декември 2024 година. мд/вг/

Фото: Национална галерија на Северна Македонија 

Остани поврзан