• петок, 22 ноември 2024

Изложба на гипсани маски „Насликани емоции“

Изложба на гипсани маски „Насликани емоции“
Гостивар, 25 јули 2020 (МИА) - Проектот „Насликани емоции“, заврши со изложба на насликани гипсени маски и доделување на признанија за учесниците. Од здружението „Милениум“ од Гостивар кое е носител на проектот што опфаќа визуелните уметности, архитектура и дизајн во кој се вклучени ученици од повеќе основни училишта решија бојадисаните маски да бидат претставени на своевидна изложба организирана на понеформален начин. Учесниците во овој проект имаа задача да ги насликаат нивните емоции на гипсените маски кои имаат пропорции на возрасно човечко лице. – Искуството стекнато од изминатава деценија со изработки од гипс и моето хоби ја родија идејата за овој проект. Сакав преку една забавна и малку поинаква уметничка креативност од децата да ги извлечеме емоциите и тие да ги пренесат со бои врз гипсените маски. Предвидено беше да има поголем број на маски, но заради ситуацијата бевме принудени на ограничувања, па добивме 26 маски. Добивме многу колоритност и искреност во изразувањето и знам дека децата уживале во творењето, вели авторката на проектот Слаѓана Брезовска. Брезовска појасни дека била предвидена заедничка ликовна работилница на учениците, но заради ризикот по здравјето на учесниците материјалите им беа доставени во нивните домови каде и ги изработуваа во соработка со менторите. Изложбата беше на отворено и се одвиваше по воспоставен протокол за заштита од коронавирусот. Проектот е поддржан од Министерството за култура во годинешната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата. згм/дма/

Остани поврзан