• недела, 12 мај 2024

Излезе од печат книгата со афоризми ,,Дамари 1" од сатиричарот Миле Ѓорѓијоски

Излезе од печат книгата со афоризми ,,Дамари 1

Делчево, 3 септември 2023 (МИА) - Излезе од печат првото издание на книгата „Дамари 1“ од македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски. Книгата содржи 1200 афоризми и претставува сатирична слика за состојбата во државата, односите меѓу луѓето, машко-женските односи, спортот, политиката...

-Во оваа книга сатиричарот на најдобар начин докажува дека сатирата е моќно оружје кое може да го промени светот, ама само ако сатиричарот оди пред своето време и не се плаши од оние кои тапкајќи во место сакаат да си го зацврстат тлото под нозете, вели во предговорот за делото писателката Христина Деолска.

„Дамари 1“ е книга, која како што вели рецензентот, бугарскиот писател Валентин Димитров, е достојна за името и авторитетот на Миле Ѓорѓијоски како симбол на македонската сатира. 

-Последната книга на Миле Ѓорѓијоски е уште една етапа од афористичкиот дел на неговиот творечки пат, своевиден „портрет“ на авторот, на неговата мајсторија, зрелост, стил и приоритети. Содржи 1200 афоризми избрани од Христина Деолска – необјавени во книги, а создадени последниве години, како и сосема „свежи“ кои премиерно беа прикажани последниве месеци само на Фејсбук, вели во рецензијата Димитров.

Ѓорѓијоски е автор на повеќе книги со афоризми и добитник на многу престижни награди. Издавач на ,,Дамари 1" е Здружението на роднокрајни автори ,,Пијанечки Глас" од Делчево. вс/свс/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан