Меџити за МИА: Од денеска ја почнуваме процедурата за формирање на ново движење
- Изет Меџити, еден од членовите на досегашната фракција внатре во ДУИ и пратеник за МИА потврди дека од денеска ја почнува процедурата за формирање на ново движење.
Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Изет Меџити, еден од членовите на досегашната фракција внатре во ДУИ и пратеник, за МИА потврди дека од денеска ја почнува процедурата за формирање на ново движење.
- Се уште не сме размислувале за името на движењето. Дебатата е отворена и очекуваме да стигнат иницијативи од граѓаните, изјави Меџити за МИА.
Во петокот за албанската телевизија „Визион плус“, Меџити истакнал дека нема да биде формирана класична партија, туку движење кое ќе го артикулира различното размислување внатре во Демократската унија за интеграција. Според него, ќе има два политички блока кај Албанците - една власт и една опозиција која, како што вели, нужно ќе произведе поголем ефект за Албанците.
Градоначалникот на Општина Сарај и еден од членовите на фракцијата внатре во ДУИ, Блерим Беџети, пак, неодамна во изјава за МИА истакна дека заедно со Муса Џафери и Невзат Бејта остануваат како дел од фракцијата внатре во ДУИ, посочувајќи дека тие се за решавање на несогласувањата внатре во партијата. Тој потенцира дека се против формирањето на некој нов политички субјект, бидејќи, како што рече, на тој начин ќе се фрагментаризира, ќе се расцепка албанското бирачко тело.
-Има разлики меѓу нас. Ние сме фракција во рамки на ДУИ и инсистираме за овие прашања да се решава со аргументи преку расправа внатре во Демократската унија за интеграција. Јас, Муса Џафери и Невзат Бејта сме против формирањето нов политички субјект. Нема потреба да се формира нова политичка партија, рече Беџети. фф/бак/
Фото: МИА Архива