• сабота, 29 јуни 2024

Изграден регионален стационар за бездомни миленици во Кавадарци 

Изграден регионален стационар за бездомни миленици во Кавадарци 

Кавадарци, 13 март 2024 (МИА) - Изграден е регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство во Кавадарци.  Градоначалници од Вардарски плански регион заедно со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и директорот на ВПР Сашо Мошев, денеска го посетија  новоизградениот стационар. 

Локацијата на објектот наменет за девет општини од регионот е во населба Глишиќ на површина од 5.470 квадратни метри. Целосната финансиска конструкција на овој проект изнесува 14. 892.319 денари. Дел од средствата во висина од 5.119. 385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9.772.933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. Деветте општини во Вардарскиот плански регион усвоија модел за управување и организациска поставеност на прифатилиштата на регионално ниво, преку кој секоја општина обезбеди дополнителни средства, за оперативни трошоци за работење на центарот.

Министерот Пенов изрази задоволство од изградбата на објектот. 

- Се решава еден многу голем проблем во овие општини. Хуманo ќе се третираат кучињата скитници. Досега сите плаќаа трошоци за штети од кучињата скитници, рече Пенов. 

Тој нагласи дека ова покажува дека општините од регион можат заеднички да функционираат и да решаваат проблеми. Министерот додаде дека по овој успешен пример ќе се продолжи и во други региони. 

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев појасни дека капацитетот на објектот е осумдесетина кучиња и има услови за згрижување по стандарди. 

- Секое куче бездомник ќе биде згрижено, чипирано, кастрирано и социјализирано, рече Јанчев. свд/мд/

Фото : МИА 

Остани поврзан