• понеделник, 23 декември 2024

Изгласани заклучоците по извештајот за работата на Народниот правобранител: Државата да обезбеди механизми за доследна примена на одредбите за застареност на извршувањето

Изгласани заклучоците по извештајот за работата на Народниот правобранител: Државата да обезбеди механизми за доследна примена на одредбите за застареност на извршувањето

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) - Пратениците денеска за време на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со десет гласа „за“ ги усвоија заклучоците по годишниот Извештај за работата на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2023 година.

По расправата што се одржуваше три дена, Собранието во делот на областа од правосудството констатираше дека државата треба да обезбеди механизми за доследна примена на одредбите за застареност на извршувањето.

-Јавните обвинителства да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија за да нема сомневања и страв дека гонењето ќе застари. Државата да обезбеди механизми за доследна примена на одредбите за застареност на извршувањето. Министерството за правда да преземе дејство за промена на формата на образецот, налог за извршување и во делот на правна поука јасно да се наведе, односно прецизира временскиот рок во денови за поднесување на приговор, се посочува во заклучоците што ги прочита претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов.

Според заклучоците, во делот на областа казнено-поправни и воспитно-поправни установи се предлага Министерството за правда во соработка со Управата за извршување на санкциите, директорите на казнено-поправните установи да преземаат мерки за надминување на пренатрупаноста, како и мерки за подобрување на сместувачките услови согласно стандардите за издржување на казната затвор мерката притвор со почитување на човековото достоинство на лицата. Исто така, да се преземаат мерки за доекипирање на установите со стручен медицински персонал, опремување на затворските амбуланти со соодветни медицински апарати и редовно снабдување со неопходните лекарства.

Во делот на областа на финансиите – државата да ја имплементира во неколку наврати дадената препорака за конечно и трајно надминување на проблемот со одземање на сите парични средства при присилна наплата кои на граѓаните им се приход по основ на плата, пензија, социјална помош и слично.

-Да се донесат соодветни измени и дополнувања на одредбите од Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот. Управата за јавни приходи да изнајде решение за настанатиот проблем со уплатата на придонесите од социјално осигурување за прекувремени часови, а преку создавање техничка можност во програмското решение на програмата за плата внес на износот од пресудите во МПИН образецот. За спречување на незаконското задолжување за јакнење на надзорот на Министерството за финансии по однос на условите под кои брзите кредити се одобруваат, се вели во заклучоците.

Во делот на областа од социјалната заштита и сигурност се предлага Министерството за социјална политика, демографија и млади, центрите за социјални работи, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и управните судови да ја зајакната соработката во однос на навременото доставување на списи и документи во постапките кои се водат пред овие институции. Стручните лекарски комисии, како што се посочува во заклучоците, навремено да ги доставуваат наодите, оценките и мислењата до центрите за социјална работа заради непречено постапување по барањата во постапките за остварување на надоместокот на помош и нега по друго лице.

Во делот на областа од полициски овластувања се предлага да се преземаат мерки за усогласување на Правилникот за начинот на бришење на податоците од евиденцијата на полицијата и Упатството за начинот и методите за вршење на криминалистичко-текничка регистрација и идентификација на лица и непознати лешови во последните измени на законите од оваа област. -Да се подобри координацијата помеѓу Кривичниот суд и надлежните служби на МВР заради навремено ажурирање на наредбите од овој суд со цел да се спречи противправното лишување од слобода поради административни пропусти. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи да врши целосни и квалитетни истраги по барање на Народниот правобранител во кои има сомневања за повреда на човековите слободи и права, се вели во заклучоците од оваа област.

Во делот на областа на правата на детето се предлага надлежните органи во континуитет да преземаат мерки за непречена примена на законската одредба за задолжително запишување во матичната книга на родените на секое дете родено на територијата на Република Македонија без оглед на државјанството и личниот статус на родителите.

-Да се измени и дополни Законот за семејство во кој во согласност со Конвенцијата за правата на детето ќе се уреди вршењето на родителските одговорности помеѓу поранешните брачни или вонбрачни другари, во односот кон заедничкото или заедничките деца и заедничката одговорност на родителите во подигањето и развојот на детето. Центрите за социјална работа при определување на динамиката на видување помеѓу детето и родителот со кого не живее или блиските роднини детето да се раководи од тоа што претставува најдобар интерес на детето во секој индивидуален случај, а одлуката да биде образложена на јасен и аргументиран начин, се наведува во заклчучоците.

Се предлага навремено да се завршуваат постапките неопходни за печатење на учебници по предметите кои се изучуваат во основното и средното образование.

-При тоа, особено да се води сметка за квалитетот на содржината на учебниците кои заради применливост на знаењето стекнато во процесот на образование треба да понудат интерактивен пристап кои ќе ја поттикнат креативност и ќе ја развие критичноста кај учениците. Учебниците во сите предмети до учениците да бидат доставени со почетокот на учебната година. Да се преземаат мерки за целосно екипирање на стручните служби во основните и средните училишта, сензибилирање, дообучување, подобрување на професионалните компетенции на целокупниот образовен кадар за работа со ученици со попреченост. При што едукацијата на наставниот кадар да биде низ призма на правата на децата и правата на децата со попреченост согласно ратификуваните меѓународни конвенции. Да се интензивираат активностите за донесување на нов закон за средно образование, со што ќе се обезбеди системско решение за образовните асистенти како поддршка во учењето за учениците со попреченост, како и да се преземаат мерки за донесување на Законот за стручно образование и обука. Итно да се преземаат мерки за обезбедување формално и континуирано образование на децата во воспитно-поправниот дом „Волковија“ во Тетово, се вели во заклчучоците.

Во заклучоците се предлага Министерството за образование и наука да преземе контринуирани активности и мерки со цел преку системски и квалитетни решенија да се елиминира можноста за сегрегација на учениците Роми во училиштата.

-Бирото за развој на образованието да продолжи со обуки на наставници со теми од областа на насилството, а стручните служби во училиштата во соработка со родителите на учениците да преземаат навремени мерки за заштита на учениците од насилство од страна на наставен кадар или несоодветен однос од службено лице. Да се преземаат мерки за поефикасна имплементација на Протоколот за меѓусекторска соработка за децата на улица, да се воспостави интегриран систем на податоци за деца во ризик на улица, кои ќе содржат целосни и точни статистички податоци за децата на улица. Да се креираат и имплементираат програми за активно вклучување на пазарот на труд преку работно ангажирање на членовите на семејствата на децата кои питачаат, како и да се зголеми бројот на дневни центри за деца во социјален ризик и деца на улица секаде каде што има потреба, но и тоа да го поддржат постојните центри за дневен престој на деца на улица од секаков аспект – стручен, материјален и технички. МОН да покрене иницијатива со која ќе наложи задолжително водење на дигитална евиденција за студентите со попреченост на сите државни факултети, а заеднички со Владата, Министерството за транспорт и врски, надлежните инспекторати да обезбедат пристапност на факултетите за студентите со попреченост вклучувајќи и пристапен транспорт до и од факултетите. Воедно да се преземаат мерки за обезбедување стручна и научна литература во пристапни формати, асистивна технологија и помагала и административни асистенти за поддршка на студентите со попреченост, се наведува во заклучоците наменети за областа на заштитата на правата на детето.

Во делот на областа имотно-правни односи се предлага да се преземаат мерки со цел воспоставување на заеднички електронски систем кој ќе ги поврзе сите институции вклучени во постапката за денационализација. Додека, во делот на областа од урбанизам и изградба се предлага општините да ги интензивираат активностите со цел завршување на постапките за легализација на бесправните објекти. фф/ац/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан