• недела, 05 јануари 2025

Извршен увид во близина на Рашче, се испитуваат причините за несреќата

Извршен увид во близина на Рашче, се испитуваат причините за несреќата

Скопје, 3 јануари 2025 (МИА) - Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека извршиле увид во Рашче на местото каде синоќа автомобил со патници излета и падна во водите на Вардар.

-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на лице место кај Рашче, каде автомобил со патници излета и падна во водите на Вардар. И покрај исклучително тешките услови на непристапен терен, беа преземени сите дејствија за обезбедување траги и докази со цел да се утврдат причините за несреќата, посочуваат од ЈОРСМ.

Од Јавното обвинителство информираат дека заедно со автомобилот, од водите на Вардар биле извадени три починати женски лица, за кои е издадена наредба за обдукција. Посочуваат дека по уште едно лице се трага, додека во автомобилот патувало и дете кое е пронајдено повредено надвор од возилото, па е пренесено на Клиничкиот центар.

-Според првичните сознанија, со возилото управувала една од починатите. Ќе биде издадена наредба и за вештачење на автомобилот. По насоки на јавен обвинител се разговара со очевидци на настанот, како и со блиски на семејството во возилото со цел да се испитаат сите околности, посочуваат од Основното јавно обвинителство Скопје.фф/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан