• вторник, 05 ноември 2024

Извештај: Стотици деца биле злоставувани во домови во Лондон повеќе децении

Извештај: Стотици деца биле злоставувани во домови во Лондон повеќе децении
Лондон, 28 јули 2021 (МИА) - Неколку стотици деца биле изложени на „тешко сфатливи“ нивоа на злоупотреба и занемарување во текот на неколку децении, се наведува во Извештајот на британска независна јавна истрага за сексуално злоставување деца. Независна истрага за сексуалната злоупотреба на деца соопшти дека социјалните работници во општината Ламбет во јужен Лондон во периодот меѓу 60-те и 90-те години од минатиот век ги третирале децата како „безвредни“. Според нив, вработените во општина Јужен Лондон „изложувале ранливи деца“ на сексуални престапници кои се инфилтрирале во сиропиталишта и во згрижувачки семејства со „катастрофални, доживотни последици за жртвите“. Кога децата се жалеле, главно не им верувале. „Веќе неколку децении, децата во домовите и згрижувачките семејства страдаат од нивоа на суровост и сексуална злоупотреба што е тешко да се разбере“, изјави шефот на истрагата, Алексис Џеј, пренесува Би Би Си. Авторите на извештајот, кои собраа докази за силување, злоупотреба и сексуално злоставување деца, наведоа дека 705 поранешни корисници на три домови пријавиле сексуална и други видови злоупотреба, но дека за четириесет години дисциплиниран е само еден од вработените. Во извештајот се наведува дека многу вработени покажале „бесчувствителна небрежност за ранливите деца“, иако биле платени да се грижат за нив, како и дека „расизмот е очигледен во непријателскиот и насилен третман“ кон црните деца. Авторите на извештајот ја повикаа полицијата да разгледа дали постојат основи за поведување на кривична истрага за смртта на момче, кое се убило во домот во 1977 година, а претходно се пожалил дека бил малтретиран од постар вработен. Повеќегодишната истрага почна по смртта на британскиот водител Џими Савил во 2011 година, кој водеше и емисии за деца, кога десетина луѓе пријавија дека ги злоставувал. ссм/

Остани поврзан