Извештај на ОН: Светот се движи кон двојно повисоко глобално затоплување од целта
- Глобалните температури ќе се зголемат за 3,1 степен Целзиусов над прединдустриските нивоа до 2100 година ако не се постават поамбициозни климатски цели и ако луѓето не ги променат своите навики, предупредува новиот извештај на Обединетите нации. Вакво ниво на затоплување е двојно повеќе од целта од 1,5 степени утврдена со Парискиот договор од 2015 година — правно обврзувачки договор за климатски промени, потпишан од 196 држави, што би го довело светот до климатска катастрофа.
Њујорк, 31 октомври 2024 (МИА) - Нов извештај на Обединетите нации открива дека светот ќе се загрее за двојно повеќе од целта од 1,5 степени Целзиусови утврдена со Парискиот договор, доколку земјите не успеат да ги намалат емисиите на стакленички гасови.
Глобалните температури ќе се зголемат за 3,1 степен Целзиусов над прединдустриските нивоа до 2100 година ако не се постават поамбициозни климатски цели и ако луѓето не ги променат своите навики, предупредува новиот извештај на Обединетите нации. Вакво ниво на затоплување е двојно повеќе од целта од 1,5 степени утврдена со Парискиот договор од 2015 година — правно обврзувачки договор за климатски промени, потпишан од 196 држави, што би го довело светот до климатска катастрофа.
Тековното ниво на затоплување предизвикано од човекот е околу 1,3 степени над прединдустриските нивоа, што значи дека границата од 1,5 степени би можела да се достигне за помалку од една деценија, според годишниот извештај на ОН, кој го нагласува јазот меѓу обврските на земјите и намалувањето на емисиите на стакленички гасови потребно за да се избегне климатски колапс.
Извештајот покажува дека годишните емисии на стакленички гасови достигнале рекордни нивоа, зголемени за 1,3 отсто во минатата година, и мораат да се намалат за 9 отсто секоја година до 2030 за да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степени и да се избегнат најлошите климатски промени, пренесува „Лајв Сајенс“.
Глобалните емисии на стакленички гасови достигнаа 63 гигатони „еквиваленти на јаглерод диоксид“ во 2023 година, што е за 0,8 гигатони — или 1,3 отсто — повеќе од нивото во 2022 година, се наведува во извештајот. Оваа стапка на зголемување ги надминува оние што беа забележани пред пандемијата, меѓу 2010 и 2019 година, кога порастот во просек изнесуваше 0,8 отсто годишно. Надежите за постигнување на целта од 1,5 степени зависат од тоа дали земјите колективно ќе ги намалат годишните емисии на стакленички гасови за 42 отсто до 2030 година и потоа за 57 отсто до 2035 година. Но, реалноста е дека сегашните ветувања за идни акции не се доволно драстични за да ги ублажат најтешките последици од климатските промени. ссм/
фото: архива