• петок, 22 ноември 2024

Извештај: На ЕУ и е потребно лидерство за јакнење на одбраната

Извештај: На ЕУ и е потребно лидерство за јакнење на одбраната

Минхен, 28 јуни 2023 (МИА) - Недостигот на политичко лидерство од страна на земји како Германија и Франција и тесните индустриски интереси ја спречуваат Европа да ја зајакне својата одбранбена индустрија, факт што е нагласен со руската војна против Украина, се предупредува во денешниот извештај од Минхенската безбедносна конференција.

„Клучниот јаз во способностите во европската одбрана сè уште е политичкото лидерство“, се вели во Минхенскиот безбедносен извештај за европската одбрана.

Годишната Минхенска безбедносна конференција, која вообичаено се одржува во февруари, е влијателен глобален собир на врвни политичари и аналитичари за да разговараат за одбранбените и безбедносните предизвици.

Во извештајот се вели дека Германија и Франција „биле пасивни“ додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и највисокиот дипломат на ЕУ Жозеп Борел започнале со поддршка од ЕУ за Киев и заеднички иницијативи за набавки.

„За време на владата на (канцеларот Олаф) Шолц, Германија постојано беше критикувана за нејзиното отсуство во одбранбените прашања на ЕУ“, додека Франција се смета за земја која „ги следи тесните индустриски, а не колективните европски интереси“, се вели во извештајот.

Првичната неподготвеност на Германија и Франција да испорачаат оружје на Украина, покрај историјата на занемарување на источноевропските стравови од Русија, предизвика трајна штета на нивниот кредибилитет во Источна Европа и заедничките одбранбени иницијативи.

„Германија и Франција имаат одговорност да ја вратат довербата“, се истакнува во извештајот, додавајќи дека времето е од суштинско значење за зајакнување на одбранбената соработка. ссм/

Остани поврзан