• недела, 22 декември 2024

Извештај на ЕК: Северна Македонија е умерено подготвена, потребна ефективна имплементација на законите

Извештај на ЕК: Северна Македонија е умерено подготвена, потребна ефективна имплементација на законите
Скопје, 11 октомври 2022 (МИА) - Умерена подготвеност на земјавава е генералната оценка на Европската комисија која утре треба да го објави Нацрт-извештајот за Република Северна Македонија. Радио Слободна Европа денеска објави дека имале увид во извештајот во кој се наведува дека е потребна ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.

Во извештајот, според РСЕ, се наведува дека работата на Собранието била нарушена со политичката поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. Потребно е добро планирање и консултации за да се ограничи носењето на закони по брза постапка, а пратеничките прашања треба да бидат почести.

Се наведува дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби, а забележано е дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор. -Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори, стои во извештајот.
Во однос на усогласеноста на Северна Македонија со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија се наведува многу добар прогрес со тоа што земјата целосно застана на страната на ЕУ во однос на руската инвазија врз Украина.
Правниот систем постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен. Започна подготовката на нова судска реформа, која мора да биде посистематска. Судството ја покажа својата заложба да го заштити својот интегритет и независност, стои во извештајот. Земјата постигнала одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена за превенција и борба против корупцијата, како и дека за голем број предмети има првостепени пресуди, а отворени се постапки и против високи владини функционери. Во извештајот е наведено дека земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување, а реформите во Македонската радиотелевизија се закочени поради одложувањето на именување членови во Програмскиот совет. Потребно е решавање на работничките права на новинарите, стои во извештајот. Земјата одржува добри односи со другите земји од регионот кои се во евроинтегративниот процес. Се наведува дека Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни. Во однос на економските критериуми, земјата постигна добро ниво на подготовка во развојот на функционална пазарна економија. Потребно е подобрување на управувањето со јавните инвестиции. Банкарскиот сектор остана стабилен, но од друга страна големата сива економија го кочи бизнисот. бк/ац/

Остани поврзан