• петок, 05 декември 2025

Извештај: Зголемување од 45 отсто на вооружените групи во Колумбија во последните три години

Извештај: Зголемување од 45 отсто на вооружените групи во Колумбија во последните три години

Богота, 9 јули 2025 (МИА) – Бројот на членови на нелегалните вооружени групи во Колумбија значително се зголемил во изминатите три години, покажува внатрешен безбедносен извештај до кој дојде агенцијата Ројтерс, пренесува БТА.

Според документот, изготвен за внатрешна употреба на безбедносните и разузнавачките служби, до крајот на јуни 2025 година овие групи броеле 21.958 лица – борци и логистичка поддршка – што е зголемување од 45 проценти во споредба со 15.120 лица во јуни 2022 година, кога функцијата ја презеде претседателот Густаво Петро.

Ова е многу повеќе од зголемувањето од 17 отсто што беше регистрирано за време на четиригодишниот мандат на претходниот претседател Иван Дуке. Само во последната година, бројот на членови пораснал за 1.469 лица, или 7 проценти.

Министерот за одбрана Педро Санчес го потврди бројот за Ројтерс, и обвини дека групите ја искористиле владината „политика на целосен мир“ за да се прошируваат.

Вооружените групи, кои се финансираат преку трговија со дрога, нелегално рударство и други криминални активности, продолжуваат да делуваат и покрај мировниот договор од 2016 година со бунтовничката група ФАРК, која беше најголема во земјата.

Претседателот Петро, прв левичарски лидер на Колумбија и поранешен партизан, започна преговори и прекини на огнот по неговото доаѓање на власт, но по неуспехот на преговорите, Владата ја врати офанзивата.

– Ова зголемување е последица на лошо планирани примирја, што им дадоа предност на групите да го зајакнат контролираниот терен, изјави Едуардо Писаро од Националниот универзитет на Колумбија.

– Политиката на мир целосно пропадна и е неповратна, додаде тој. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан