• понеделник, 18 ноември 2024

Извештај: Варварски практики и негрижа за мигрантите во центрите за притвор во САД

Извештај: Варварски практики и негрижа за мигрантите во центрите за притвор во САД

Вашингтон, 17 август 2023 (МИА) - Мигрантите кои се наоѓаат во центрите за притвор на Имиграциските и царинските служби (ИЦЕ) на Соединетите Американски Држави ја немаат потребната медицинска нега, живеат во небезбедни и нездрави услови и се изложени на малтретирање, се наведува во нов американски извештај.

Инспекторите задолжени од Канцеларијата за граѓански права и слободи на Министерството за домашна безбедност на САД да ги истражат прекршувањата на човековите права во притворските центри изготвија извештај од 1.600 страници.

Извештајот, објавен од Националното јавно радио, ги откри условите во центрите на ИЦЕ.

Инспекторите прегледаа повеќе од 24 центри за притвор на ИЦЕ во 16 американски држави од 2017 до 2019 година за да го изготват конечниот извештај.

За време на прегледот, иследниците забележаа медицински занемарување на мигрантите во центрите на ИЦЕ. Во извештајот се наведува дека луѓето во овие центри биле чувани во небезбедна и валкана средина.

Се додава дека имало и случаи на расистичко злоставување на притвореници, како и прскање со солзавец на ментално болни притвореници и други загрижувачки практики, што во некои случаи довело до смрт на притвореници.

Во извештајот е наведено дека едно лице е задржано без завои, со отворена рана по операција во центарот во Мичиген, а наведено е дека приведениот немал пристап до никакви лекарски прегледи. Во извештајот се нагласува дека приведениот „не добил ниту најосновна нега“.

Во извештајот се наведува дека медицинска сестра во установа во Џорџија го игнорирала барањето за итен инхалатор за притворен пациент со астма. Извештајот покажа дека игнорирањето на пациент кој бара итна медицинска помош за астма е небрежност.

Во извештајот се истакнува и дека група затворски службеници врзале ментално болен маж за стол, а единствената жена службеничка меѓу нив, гола извршила претрес на ментално болното лице во притвор во државата Пенсилванија.

„Ова е варварска практика која јасно ги нарушува основните принципи на хуманоста“, се нагласува во извештајот.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како и сегашната администрација на Џо Бајден, избегнаа да го споделат извештајот, во кој се откриени практики против мигрантите кои траеле повеќе од три години.

Непрофитниот медиум „NPR“, кој поднесе тужба согласно Законот за слобода на информации, можеше да пристапи до извештајот врз основа на одлука на федерален судија. ссм/

Остани поврзан