• петок, 22 ноември 2024

Пет причини зошто изралеско-палестинскиот судир нема да заврши толку брзо

Пет причини зошто изралеско-палестинскиот судир нема да заврши толку брзо

10 јануари 2024

Форин Полиси

Ескалацијата на повеќедеценискиот израелско-палестински судир на 7 октомври минатата година доведе до, дури и за областа, невидени нивоа на насилство, уништување и смрт. Сликите од Газа го обиколија светот, кој се подели за многубројните и сложени прашања поврзани со оваа војна, а како што одминува времето гласините за прекин на огнот и спречување на хуманитарната катастрофа од ден на ден се се погласни, но тие сè уште не допираат до оние што ги треба да ги слушнат.

Сигурно е дека оваа војна нема да заврши толку брзо, а магазинот Форин полиси претставува пет причини зошто уште некое време нема да видиме мир на Блискиот Исток.

1. Непомирливи и неделиви цели

Во срцето на секој спор е длабок структурен проблем. Израелските и палестинските националисти сакаат да живеат и да го контролираат истото парче територија за кое секоја страна верува дека историски им припаѓа. Секоја страна има основа за своето тврдење и секоја жестоко верува дека нејзината позиција треба да ја надмине позицијата на другата страна.

Експертите за меѓународни односи ваквите ситуации ги нарекуваат проблеми на „неделивост“: Потешко е да се реши спорот ако спорните прашања не можат да се поделат на начин што е прифатлив за двете страни. Додадете го на тоа сложениот и оспоруван статус на Ерусалим, свето место за трите главни религии, и ќе го имате совршениот рецепт за проблемите кои се повторуваат со децении. Иако имаше неколку предлози за разумна поделба на земјата во изминатиот век, гласовите кои повикуваат на компромис беа задушени или маргинализирани од оние кои ја сакаат целата спорна територија. За жал, национализмот обично функционира така.

2. Безбедносна дилема

Имајќи го предвид првиот проблем, земајќи ја предвид релативно малата површина на спорната територија, двете заедници се соочуваат со сериозна безбедносна дилема. Ционистичките лидери од самиот почеток разбраа дека би било тешко или невозможно да се создаде држава контролирана од Евреите со значително арапско малцинство, а камоли со мнозинство. Тоа верување доведе до етничко чистење за време на арапско-израелската војна во 1948 година и повторно во 1967 година кога Израел го окупираше Западниот Брег. Сепак, однесувањето на Израел тешко може да се опише како уникатно, нешто што досега не сме го виделе, бидејќи напорите за градење држава на многу други места (вклучувајќи ги и Соединетите Држави) вклучија акции од слична природа. Не е изненадувачки што и протераните Палестинци и арапските соседи на Израел беа огорчени од она што се случи и сè уште, до ден денешен, сакаат ситуацијатра да ја променат.

Работите да бидат уште полоши, малото население на Израел и ранливата географска локација им дадоа на израелските лидери силен поттик да ја направат земјата побезбедна со проширување на нејзините граници. Премиерот Дејвид Бен-Гурион накратко се надеваше дека ќе задржи некои од земјите што Израел ги окупираше за време на Синајската војна во 1956 година, но притисокот од САД го принуди да се откаже од тие планови. Единаесет години подоцна, истиот тој експанзионистички импулс го наведе Израел да ја задржи контролата врз Западниот Брег и Голанската висорамнина по Шестдневната војна во 1967 година и поголемиот дел од Синајскиот Полуостров од 1967 година до потпишувањето на египетско-израелскиот мировен договор во 1979 година.

За жал, окупацијата и населувањето на Западниот брег со контрола на Појасот Газа значеше дека милиони Палестинци ќе бидат трајно под израелска власт, што всушност доведе до демографскиот проблем што основачите на нацијата се обидоа да го избегнат - приближно еднаков број Евреи и Палестинци во земјата под израелска контрола. Следењето на каузата на „Големиот Израел“ ќе ги принуди неговите водачи да им дадат целосни политички права на приближно еднаков број на палестински субјекти, да најдат друг изговор за протерување на повеќето од нив или да воспостават систем на апартхејд што е во спротивност со наводната посветеност на Израел за демократија и човекови права. Како што напиша поранешниот израелски министер за надворешни работи Шломо Бен-Ами во 2006 година, „демократијата и еврејската државност не можат да се помират со територијална експанзија“. Тоа остава најмалку лоша опција: Израел би можел да се откаже од значителен дел од територијата што сега ја контролира и да им дозволи на Палестинците да имаат своја држава. Таа цел беше декларираната политика на администрациите на Клинтон, Буш, Обама, а сега и на Бајден.

Безбедносната дилема, сепак, ги отежнува напорите за преговарање „две држави за двата народа“. Израелските преговарачи инсистираат секој иден палестински ентитет (или држава) да биде ефективно демилитаризиран, при што Израел ќе задржи значителна контрола над своите граници и воздушен простор за да се осигура дека палестинската држава никогаш не може сериозно да му се заканува на Израел. Но, таков аранжман би ги оставил Палестинците трајно ранливи на Израел (а можеби и други држави), ситуација која тие разбирливо не сакаат да ја прифатат. Иако е можно да се замислат аранжмани кои би можеле да го подобрат чувството на сигурност на секоја страна и да помогнат да се поттикне евентуалното помирување, апсолутната безбедност е неостварлива цел. За жал, злосторствата на Хамас на 7 октомври и злосторствата што сега се вршат врз невините Палестинци во Газа ќе го отежнат уште повеќе да се постигне решение за две држави во догледна иднина.

3. Бескорисно и штетно влијание на светските сили

Конфликтот меѓу овие две нации, исто така, поттикна и одржа голем број трети страни, чии интервенции од личен интерес обично беа контрапродуктивни. Велика Британија го започна проблемот со Декларацијата од Балфур во 1917 година, погрешно го менаџира мандатот на Лигата на народите за време на меѓувоениот период, а потоа ги крена рацете и го однесе проблемот во Обединетите нации по Втората светска војна. По 1948 година, конкурентните арапски држави поддржаа одделни палестински фракции како дел од тековната серија меѓуарапски ривалства, кои го поткопуваа палестинското единство.

САД го вооружија Израел и СССР вооружија неколку арапски држави за време на Студената војна за свои интереси, а ниту една суперсила не посветуваше доволно внимание на актуелното палестинско прашање или на прекин на практиката на Израел да гради населби низ Западниот Брег. Потоа, Иран тргна во акција поддржувајќи ги Хамас, палестинскиот Исламски џихад и Хезболах во Либан, главно за да ги попречат напорите на САД за преобликување на регионот на начин на кој Техеран го сметаше за заканувачки. Ниту една од овие надворешни интервенции не помогна да се реши израелско-палестинскиот конфликт, напротив, ја влошија и онака лошата ситуација.

4. Екстремисти

На Блискиот Исток, како и насекаде, мал број екстремисти понекогаш може да ги попречат добронамерните напори за решавање на тешките проблеми. Мировниот процес во Осло од 1990-тите беше најблиску што двете страни успеаја да стигнаа за постигнување изводлив крај на конфликтот, но екстремистите од двете страни помогнаа да се поткопа овој пат кон мирот. Серијата самоубиствени бомбашки напади на Хамас и палестинскиот Исламски џихад ги поткопаа надежите за мир во Израел. Еден израелско-американски доселеник уби 29 Палестинци во 1994 година во намерен обид да ги запре мировните напори, а друг израелски фанатик последователно го уби премиерот Јицак Рабин, индиректно помагајќи му на Бенјамин Нетанјаху да стане премиер.

Противставувањето на решението за две држави беше водечки принцип на целата политичка кариера на Нетанјаху, толку многу што тој тајно го поддржуваше Хамас со експресна цел да ја ослабне умерената палестинска власт, која беше заинтересирана да функционира решението за две држави. Трагичните резултати од таа политика се покажаа на 7 октомври.

5. Израелско лоби

Спротивно на она што некои го тврдат, групите како АИПАК, Лигата против клеветата или Обединетите христијани за Израел не можат да бидат единствено одговорни за должината на конфликтот, но други истомисленици и поединци беа сериозни пречки за напредокот и мирот.

Освен што го индоктринираа американското политичко тело со едностран поглед на конфликтот, овие групи активно работеа на попречување на секој сериозен обид на американскиот претседател да го прекине. Претседателите Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама јавно се залагаа за решение со две држави, а Клинтон и Обама сериозно се обидоа да го постигнат тоа. Зошто? Бидејќи, како што рече Обама, две држави за двата народа биле „во интерес на Израел, интерес на Палестина, интерес на Америка и интерес на светот“. Но, и покрај огромниот потенцијал за влијание со кој располагаат, ниту еден од овие претседатели не беше подготвен да изврши сериозен притисок врз Израел (т.е. со условување на американската воена помош и дипломатска поддршка со постигнување фер договор). Тие дури не можеа да ја условат американската помош и дипломатска заштита на Израел за да се запре изградбата на населби и да се започне со демонтирање на системот на апартхејдот на окупираните територии.

Дури и угледните про-израелски организации кои го поддржуваат решението за две држави, како што се „J Street“ и „Americans for Peace Now“, никогаш отворено не ги повикаа американските лидери на овој чекор или вршеа притисок врз членовите на Конгресот да поддржат значителен притисок врз Израел. Бидејќи Израел никогаш не бил повикан на одговорност од неговиот главен покровител и заштитник, последователните израелски влади никогаш не почувствувале потреба да направат компромис или да ги земат предвид долгорочните последици од нивните постапки. Резултатот, како што многумина предупредуваа пред години, беше токму онаква несреќа со која се соочуваат Израелците и Палестинците денес.

Секој од овие пет фактори е пречка за мирот сам по себе, а несомнено има и други пречки кои се комбинираат за да кажат дека овој конфликт нема да заврши наскоро. Тоа е трагедија и за Израелците и за Палестинците, иако тие се оние кои трпат убедливо најголеми загуби.

Освен тоа, однесувањето на Израел во тековната војна во Газа може да ги загрози Евреите ширум светот со поттикнување антисемитизам. И бидејќи администрацијата на Бајден е активно вклучена во бруталната и потенцијално геноцидна кампања на Израел во Газа, САД ќе платат сериозна морална и стратешка цена за својата улога во оваа катастрофа. Светските лидери желни да ја дискредитираат самопрогласената улога на Америка како лидер на „меѓународниот поредок заснован на правила“, на тој начин добија аргументи за своите тврдења.

фото:ЕПА

Остани поврзан