ИДФ: За 24 часа извршивме 120 напади врз Појасот Газа
- Израелските одбранбени сили (ИДФ) во изминатите 24 часа извршија 120 напади врз Појасот Газа, при што се употребени 10 ракетни фрлачи, изјави портпаролот на ИДФ, Хидај Зилберман
Тел Авив, 18 мај 2021 (МИА) - Израелските одбранбени сили (ИДФ) во изминатите 24 часа извршија 120 напади врз Појасот Газа, при што се употребени 10 ракетни фрлачи, изјави портпаролот на ИДФ, Хидај Зилберман.
Тој најави дека нападите ќе продолжат и вечерва.
Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас „прими удари што не ги очекуваше“ и оти со тоа е уназадена терористичката група.
- Нашите непријатели согледаа која цена мора да ја платат за агресијата врз нас, посочи Нетанјаху, додавајќи оти операцијата ќе продолжи се додека е потребно.
И израелскиот министер за одбрана Бени Ганц претходно изјави дека израелската армија има уште илјадници цели за напад во Појасот Газа и оти никој не е заштитен.
- Израелските одбранбени сили (ИДФ) имаат многу планови да продолжат со нападите врз Хамас и борбата нема да престане се додека не донесеме целосен и долгорочен мир, истакна Ганц
Во судирите помеѓу израелската армија и Хамас за девет дена загинаа над 230 Палестинци во Појасот Газа, а повредени се над 6.000 луѓе во Појасот Газа и Западен Брег, а во Израел загинаа 12 луѓе. ми/