• среда, 20 ноември 2024

ИДФ: Ги гаѓаме целите на Хамас во Појасот Газа 

ИДФ: Ги гаѓаме целите на Хамас во Појасот Газа 

Тел Авив, 7 октомври 2023 (МИА) - Израелските одбранбени сили (ИДФ) вечерва соопштија дека напаѓаат цели на палестинското движење Хамас во Појасот Газа, поради ескалацијата на палестинско-израелскиот конфликт.

„Во моментов, израелските одбранбени сили гаѓаат бројни цели на терористичката организација Хамас во Појасот Газа“, се наведува во соопштението.

ИДФ соопшти дека од 6:30 часот утринава Израел се наоѓа во воена состојба и дека Хамас континуирано лансира ракети врз израелска територија.

„Терористите се инфилтрираа на територијата на Израел од Појасот Газа, земајќи заложници и убивајќи цивили. Нападнати се деца, семејства и цели заедници. Во моментов, ИДФ се засилува со регрутирање резервни единици и гаѓање на критичните цели на Хамас. Хамас ќе плати висока цена за нехуманиот напад врз Израел“, се додадва во објавата на ИДФ на платформата Х.

Претходно, бригадите Ал-Касам, военото крило на палестинското движење Хамас, објавија дека истрелале 150 ракети кон Тел Авив како одговор на гранатирањето на две високи згради во Појасот Газа.

Израел утринава беше погоден од досега незбалежан баражен ракетен напад од Појасот Газа.

Прес-службата на израелската армија соопшти дека екстремистите лансирале повеќе од 2,5 илјади ракети, а десетици терористи се инфилтрирале во пограничните области во јужен Израел, додека израелската армија ги расчистува населените места. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан