• понеделник, 23 декември 2024

ИДКНА одржа комеморативна седница по повод „Кристалната ноќ“

ИДКНА одржа комеморативна седница по повод „Кристалната ноќ“
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - По повод „Кристалната ноќ“, која на 9 ноември 1938 година го означи почетокот на прогонот на евреите во Европа, денеска се одржа комеморативна седница во просториите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците организирана од страна на Одделот за проучување и истражување на холокаустот при овој Институт. Директорот на ИДКНА, Скендер Асани во својот говор посочи дека името „Кристална ноќ“ се однесува на остатоците од скршените стакла по улиците кои останаа после овие масакри направени врз евреите коишто продолжиле и по 10 ноември 1938 година и додаде дека  биле уништени куќите, болниците и училишта на евреите, како и преку 30 илјади еврејски мажи биле однесени во концентрациони логори. - Ноќта помеѓу 9 и 10 ноември во 1938 година се случи еден страшен настан во Германија каде што германските нацисти ги нападнаа евреите и нивните имоти. Овој настан познат како „Кристалната ноќ“ се меморизираше длабоко во човечкото сеќавање, не само поради неговата трагична димензија за животот на илјадници евреи во Германија тие години, туку и поради едно предупредување во тоа време што се очекуваше да се случи на работ на поставувањето на фашистичката диктатура што и се закануваше на Европа како и на другите делови од светот, рече Асани. Претседателот на еврејската заедница во земјава, Пепо Леви се заблагодари на организаторите за оваа комеморативна седница и потсети дека и Македонија ги дала своите жртви меѓу тие шест милиони евреи кои ги загубиле своите животи за време на нацистичката пропаганда. - И Македонија ги даде своите жртви, Македонија даде 7.144 евреи, тоа е 98 проценти од еврејската популација во тоа време. 1943 година на 11 март бугарската фашистичка војска во спрега со германските окупатори одведоа во логорот во Монопол во Скопје 7.144 евреи кои се потоа депортирани во логорот Треблинка во тогаш окупираната Полска, рече Леви. Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, потсети дека во 1938 година официјално започна најмрачниот период на историјата со коешто се одреди судбината на еден народ на најмизерниот можен начин од тогашниот период. - Во текот на Втората светска војна во концентрационите кампови убиени се околу шест милиони евреи и претставува еден невиден геноцид во човечката историја. „Кристалната ноќ“ го претставува почетокот на најголемите трагедии на модерното време, рече Шаќири кој додаде дека треба да се формираат нови генерации кои ќе бидат образовани и воспитани како од семејството така и во средината во којашто тие живеат за да не владее омразата во нивниот менталитет туку да владее мирот, хуманоста, почитта, соживотот, како и цивилизациските човечки вредности. Германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, изјави дека на 9 ноември пред 84 години се случила „ноќта на скршените стакла“ и дека тоа не се случило спонтано, туку бил внимателно оркестриран настан. - Грозоморниот чин на нацистите не било прифатено од популацијата, но немаше отпор ниту некоја помош од нивна страна. Овој недостиг на активен отпор останува засекогаш скандалозен, дури и останува да биде вмрежан со болка во нашата колективна меморија, рече Холштајн и додаде дека оваа ноќ е еден од најлошите моменти во германската историја. Одделот за проучување и истражување на холокаустот при Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, веќе шест години по ред со своја комеморативна активност го одбележува овој настан со пригодна програма во сеќавање на жртвите и оние кои го изгубија својот живот за време на холокаустот. Оваа година комеморативната седница се организираше во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и Правниот факултет од Тетовскиот Универзитет. сх/ац/

Остани поврзан