Ивановски: Со неселективно постапување во случаи на висока корупција ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите
- Само преку доследно и неселективно постапување на институциите во сlучаи на корупција, граѓаните ќе можат да ја вратат довербата во системот, е еден од заклучоците на денешната сесија на Националната конвенција на Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Институционалните капацитети за спречување и борба против корупцијата во Република Северна Македонија: европски перспективи и национални практики“.
Скопје, 24 март 2026 (МИА) - Само преку доследно и неселективно постапување на институциите во случаи на корупција граѓаните ќе може да ја вратат довербата во системот, е еден од заклучоците на денешната сесија на Националната конвенција на Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Институционалните капацитети за спречување и борба против корупцијата во Република Северна Македонија: европски перспективи и национални практики“.
Директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, рече дека слабеењето на државата кога корупцијата доминира секаде, е како некоја болест, која е малигна, и не умира одеднаш, туку постепено.
-Затоа, ние како институции имаме обврска и одговорност да ја превенираме таа болест и колку што можеме да ја одложиме или да ја спречиме. Ќе почнам од еден граѓански аспект, медиумски, јавен аспект - притискајте што повеќе, затоа што вашето акцентирање на коруптивните елементи и на коруптивните алатки значат притисок врз нас институциите да постапуваме неселективно, истакна Ивановски.
Тој рече оти е горд дека како институции спроведуваат постапки врз актуелни функционери, каде што се процесуираат актуелни функционери за корупција и каде што завршуваат таму каде што им е местото.
-Само на тој начин ќе покажеме дека институциите функционираат и дека мора да одговара секој еден. Затоа мораме преку нашето постапување да ја вратиме и довербата кај граѓаните. Зошто? Затоа што кај граѓаните владее еден општ менталитет, не по нивна вина, него од искуството во минатото, дека секое едно службено лице може што сака да прави, може да биде подложно на корупција и за тоа едноставно нема институција којашто ќе превземе нешто и лицето нема да одговара, нагласи Ивановски.
Тој потенцира дека треба да се врати таа доверба на граѓаните во институциите.
-Во овие 19 месеци сум сретнал многу примери коишто не се охрабруваат да пријават.Затоа што нивниот исказ односно нивната парола е дека: „залудно ќе го пријавам случајот, на крајот ќе си направам самиот себе проблем“. Ама јас му велам дека јас ти гарантирам дека тоа ќе го истуркам до крај. „Да, вели, ама додека сте вие на таа функција, а потоа ако дојде некој друг, јас ќе трпам одредени реперкусии“, поосчи Ивановски.
Според него, додека не се смени менталитетот и додека психолошки не влијаеме преку наше постапување и процесуирање на случаи, ние нема да направиме ништо.

Претседателот на ДКСК Адем Чучуљ истакна дека со внимание го следат изборот за нов член на Антикорупциската комисија, бидејќи, како што посочи, од исклучителна важност е комплетирањето на Комисијата, после двете оставки од поранешната претседателка и членот Цвета Ристовска.
-За жал, вчера е поништен конкурсот, таква била оценката во Собранието, бидејќи тоа е надлежно. Ние како Комисија очекуваме во најкус можен рок да се повтори огласот, и да се избере кандидат кој ќе ги исполнува сите услови, и најважно од се е да биде со интегритет, рече Чучуљ.
Во однос на активностите на ДКСК за враќање на довербата во институциите, тој рече дека најважно од се е преземање на активности во рамки на нивните законски надлежности.
-Во завршна фаза сме на подготвување на новата Национакла стратегија, утврден е нацрт текст на истата и ќе биде споделена со сите институции кои имаат свои обврски за исполнување од таа стратегија, со цел да се произнесат, по што текстот на истата ќе го објавиме на нашата веб страна со цел и експертската јавност да даде и свој придонес, и да донесеме спроведлива Национална стратегија која ќе го зајакне системот отпорен на корупција, рече Чучуљ.
Дополнително ДКСК, додаде тој, како во изминатата година така и оваа година, ќе го продолжи да го развива системот на интегритет.
-Оваа година сме насочени кон судството, односно највисоките судски инстанци ги потпишаа политиките на интегритет, и очекуваме во текот на оваа година целото судство да ги прифати политиките на интегритет, што создваат систем отпорен на коруција, односно, пред се, да создадеме систем , односно инстицуии и личности отпорни на корупција и само на тој начин можеме да застанеме на патот на корупцијата, нагласи Чучуљ.
Тој истакна дека законот треба подеднакво да важи за сите, и решавањето и откривањето случаи на висока корупција ќе придонесе за враќање на довербата во институциите.
-Од друга страна, ние како превентивен орган, заедно со други чинители треба да изградиме систем што нема да дозволи да дојде до таа корупција, рече Чучуљ.нд/са/
Фото:МИА