• петок, 22 ноември 2024

Ивановска: ДКСК во извештајот на ЕК е нотирана како проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети

Ивановска: ДКСК во извештајот на ЕК е нотирана како проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети
Скопје, 25 октомври 2021 (МИА) - И во овој извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, како и претходно, повторно се нотира напредокот во делот на борбата против корупцијата и судирот на интереси и се оценува дека Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) е особено проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети, вклучително на оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници. Според Билјана Ивановска, претседател на ДКСК, ова е директна потврда за оправданоста на активностите преземени во претходниот период и ажурноста на Комисијата во овој состав, која преку својата работа и залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи. Со ваквата оценка, потенцира на денешната прес-конференција Ивановска, ДКСК добива директна потврда за своето работење, но и дополнителен поттик во напорите да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата и покрај обидите за дискредитација. – Секогаш може да се направат повеќе напори и да се испочитуваат сите препораки и мислења дадени од страна на ДКСК, како и да се пристапи кон поефикасно работење, сметаат од Антикорупциска. Во извештајот од ЕК е забележано и донесувањето на Националната стратегија за борба против корупцијата, како и обезбедувањето на просторните услови за функционирање на Комисијата. Претседателката на ДКСК посочи дека во извештајот од ЕК се наведува дека треба да продолжат, но и да се зајакнат заложбите за поддршка и на останатите релевантни институции за борба против корупцијата, како и да продолжат заложбите за подобро функционирање на оваа институција особено преку обезбедување доволно средства за вработување на стручен кадар, како и доследна примена на Националната стратегија од страна на државните институции. За оваа година, информираше Ивановска, во ДКСК се предвидени 16 нови вработувања, но на барање на Министерството за финансии да се коригира планот, скратени се две работни места, кои, како што потенцираа, ќе успеат да се обезбедат следната година. – Обезбедувањето услови за работа е особено важно ако се има предвид дека досега процесите за обезбедување просторни, материјални и човечки ресурси се одвиваа многу бавно, па така дури во третиот квартал од третата година на мандатот на Комисијата оваа институција се пресели во нови простории и доби седум нови вработувања. Оваа состојба влијаеше на отежнато исполнување на зголемените надлежности дефинирани со новиот закон за спречување на корупција и судир на интереси, рече претседателката на ДКСК. Но сепак, истакна таа, ДКСК успеа да  испорача резултати целосно различни од минатото, иако работеше во сосема исти услови, како и претходните комисии. Таа упати порака дека извештајот на ЕК за напредокот на земјата останува релевантен извор за оценка на состојбите во земјава, па оттука, како што рече, оваа оценка треба да се валоризира не само како признание на Комисијата, туку и за натамошно унапредување на борбата против корупцијата и судирот на интересот во земјата. – И можеби клучно преку зголемување на ефикасноста на другите институции кои понатаму треба да постапат за целосно затворање на предметите, нагласи претседателката на ДКСК на денешната прес-конференција Билјана Ивановска. цр/сп/

Остани поврзан