• понеделник, 23 декември 2024

Зухди Енуз: Од претпријатие со милионски долгови, за 100 дена „Комунална хигиена“ - Скопје работи со финансиска позитива

Зухди Енуз: Од претпријатие со милионски долгови, за 100 дена „Комунална хигиена“ - Скопје работи со финансиска позитива
Скопје, 21 април 2022 (МИА) - Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, Зухди Енуз на денешната прес-конференција информира за донесената одлука со којашто ќе бидат зголемени платите на вработените во претпријатието. - Одлуката ќе започнеме да ја имплементираме веднаш, со следната априлска плата и премногу сум задоволен што ова историско покачување ќе се реализира токму во мојот мандат на раководење со претпријатието, затоа што сметам дека вработените во претпријатието навистина заслужуваат нивниот труд да биде соодветно вреднуван и награден, изјави Енуз. Во рамките на прес-конференцијата, Енуз се осврна и на затекнатата состојба во Претпријатието со кое раководи веќе 100 дена, истакнувајќи дека според Годишниот извештај за работењето во 2021 година, за време на раководењето на поранешното раководство е забележана загуба од 43 милиони денари, неподмирени обврски кон добавувачите, задоцнети плаќања, истечени валути итн. - Во овој момент, 100 дена по моето доаѓање на чело на претпријатието, според тримесечниот извештај за финансиските резултати, првиот квартал од 2022 година го завршуваме со позитивен финансиски резултат, при што се исплатени најголемиот дел од побарувањата, а она што особено би сакал да го истакнам е дека се врши навремена исплата на платите на вработените лица во Претпријатието, и тоа на почетокот на првата недела во месецот, изјави Енуз. Директорот на претпријатието ги наведе и затекнатите проблеми во техничко-оперативниот сектор. - Наидовме на возила што биле во дефект и вон употреба со месеци, без да бидат преземени никакви мерки за нивно враќање во употреба. Имено, до 31 декември 2021 година, само 64 посто од вкупниот број на возилата биле во функција, додека во моментов речиси 80 проценти од вкупниот број на возила активно се употребуваат на терен секој ден, што е исклучително значајно имајќи предвид дека оперативата на Претпријатието работи седум дена во неделата, во три смени, изјави Енуз. мс/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан