• понеделник, 23 декември 2024

ЗНМ: Осуда за заканите и навредите кон новинарката Илинка Иљоска од Мета

ЗНМ: Осуда за заканите и навредите кон новинарката Илинка Иљоска од Мета
Скопје, 15 август 2022 Здружението на новинарите на Македонија ги осудува заканите и навредите од страна на вработени во Комунална хигиена Скопје кон новинарката Илинка Иљоска од Мета новинската агенција. ЗНМ бара од Комунална хигиена Скопје да покренат дисциплинска постапка против одговорните лица за вербалниот напад врз новинарката Илинка Иљоска. Исто така, бараме од оваа институција да направи план за активности за едукација на вработените на теми од јавен интерес и однос кон граѓаните бидејќи не е прв пат од Комунална хигиена Скопје да реагираат на вакови или сличен начин кон граѓаните. Според информациите кои колешката Иљоска ги сподели со нас, утрово додека одела на работа, го фотографирала расфрланото ѓубре и метлите што биле потпрени на кантата за отпад во паркот пред нејзината зграда. Во тоа време, вработените во Комунална хигиена Скопје кои што биле во паркот, на одредена оддалеченост ја забележале како фотографира и тргнале во нејзина насока. „Само што стасав на станицата улицата ја помина еден човек во цивилна облека и еден од чистачите. Тој во цивилна облека ми се претстави дека е раководител на што јас му се претставив со име и презиме, му кажав дека работам во Новинска Агенција Мета и му реков Повелете кажете што треба “ – вели Иљоска. Лицето кое се претставило дека работи во КХС, побарало од новинарката да ги избрише фотографиите и на висок тон да се расправа со неа, велејќи и дека не смее да фотографира веќе никогаш. Иљоска му рекла дека фотографирала на јавна површина и дека нема ознака дека е забрането фотографирање. „Ми кажа дека знае која сум и дека и од друга екипа, од службата што е задолжена преку општината за косење на зелените површини знаат за мене и ме фотографираат кога се жалам дека не си ја вршат работата. Ми рекоа дека ќе видам што ќе ми се случи следниот пат кога ќе го шетам кучето. Се расправаа со мене сè додека не дојде автобусот за да ме испратат со зборовите: Ај влези си во автобус и друг пат да не правиш така “ – стои во изјавата на колешката. Новинарката Илинка Иљоска заради загриженост за сопствената безбедност и безбедноста на семејството, со веќе реализирана правна помош и советување од страна на ЗНМ, ќе го пријави случајот во полициска станица. „Не само што јас лично не се чувствувам безбедно, туку заканата ја сфатив дека може да ми го отрујат или повредат миленикот. А стравувам дека и моите деца се во опасност затоа што и тие често го шетаат кучето. Ова не им се случува прв пат. И друг пат ми довикуваат и се жалат на нивните претпоставени кога фотографирам како не си ја вршат должноста. Но, ова денес беше прв пат да се осмелат да ми пристапат и грубо да бараат да бришам фотографии и да ми се закануваат дека нешто може да ми се случи ако продолжам да си ја вршам работата. Тие не само што знаат која сум, туку знаат и точно каде живеам“ – вели колешката. Здружението на новинарите на Македонија ________________________________________________________________________________________  МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан