• понеделник, 23 декември 2024

Златка од „Лајка“ ги порасна фрлените кутриња од Расадник, сега се подготвени за вдомување

Златка од „Лајка“ ги порасна фрлените кутриња од Расадник, сега се подготвени за вдомување
Скопје, 20 септември 2021 (МИА) - Улична кучка, која по пријава беше заловена од тимот на ЈП „Лајка", откако ги загуби нејзините тукушто родени кутриња, згрижи мали непрогледани кутриња кои биле фрлени на нива во скопската населба Кисела Вода, Расадник. Од „Лајка" информираат дека осумте малите кутриња, кон крајот на јули годинава биле фрлени на нива од страна на несовесен граѓанин, на температури од 40 степени Целзиусови, а тие веќе го земале последниот здив. Три од нив не успеале да преживеат. Првично, кутрињата беа згрижени од страна на здружението Асоцијација на активисти за права на животни-ААПЖ. За среќа, токму во истиот период тимот на „Лајка" залови кучка во лактација која ги загубила нејзините кутриња, а беше пријавена од страна на граѓани. - Ние се понудивме да ги земеме малите кутриња, за да видиме дали кучката ќе ги прифати. Се случи токму она на што се надевавме. Па така, веќе месец и половина, уличната кучка Златка се грижи за малечките кучиња, ги храни и ги чува како да се нејзини, нешто што докажува дека мајчинскиот инстинкт и потребата да се спаси нечиј живот работи кај животните, еднакво како и кај луѓето. Сиот овој период тимот на „Лајка" живее со ова прекрасно семејство кое ни ја направи нашата работа уште поубава. Уличното куче Златка успеа да ги одгледа малите Вилма, Мила, Оги, Цеца и Белка, кои се веќе подготвени да бидат вдомени, со оглед на тоа што се хранат самостојно, прочистени се од паразити и ја имаат примено првата вакцина. Овие наши пет хероини, заедно со најголемиот херој, нивната сурогат мајка, се во потрага по дом, а сите заинтересирани можат да поднесат апликација за вдомување на следната адреса vdomi@lajka.com.mk, посочуваат од ЈП „Лајка". Од „Лајка" се надеваат дека во иднина веќе нема да се соочуваат со настани од ваков тип и повикуваат на одговорно сопствеништво, односно стерилизација/кастрација на милениците, доколку сопствениците не можат да се грижат за нивниот пород. - Да се фрлаат непрогледани мали кутриња по улиците е крајно нехуман и неодговорен чин, кој оди на штета на целото општество. За среќа, а за разлика од многу други, петте наши госпоѓици преживеаја една голгота и сега се во потрага по нов дом, каде што ќе им се пружи љубов и внимание, велат од ЈП „Лајка".фф/са/

Остани поврзан