ЗЕЛС бара итен состанок со Владата за решавање на проблемите со енергетската криза
- Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), на денешната четврта седница едногласно изгласа заклучок да се побара итен состанок со Владата со цел изнаоѓање на реш
Скопје, 15 февруари 2022 (МИА) - Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), на денешната четврта седница едногласно изгласа заклучок да се побара итен состанок со Владата со цел изнаоѓање на решение за проблемите предизвикани од енергетската криза. Бараат членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС да се сретнат со премиерот Димитар Ковачевски, и со претставници на ресорите кои се директно поврзани со справување со последиците од енергетската криза.
-Станува збор за голем проблем и градоначалниците веќе подолг период алармираат на повеќекратно зголемување на сметки за електрична енергија, а во некои општини и за повеќе до 500 проценти во однос на тие пред почетокот на кризата, велат од ЗЕЛС.
Нагласуваат дека нивните претставници побараа навремена реакција од Владата за надминување на оваа состојба, потенцирајќи дека доколку тоа не се случи час поскоро, ќе се доведе во прашање функционирањето на општините, но и на јавните претпријатија и образовните институции.
На состанокот се дискутираше и за општата финансиска состојба на општините. ЗЕЛС уште еднаш го потврди ставот дека за поголема финансиска самостојност потребно е зголемување на средствата од дотации и општините да добиваат поголем процент од персоналниот данок на доход, како и данокот на додадена вредност. вј/дма/