• недела, 22 декември 2024

Зелен хуман град: Го одбиваме буџетот на Град Скопје за 2024 година

Зелен хуман град: Го одбиваме буџетот на Град Скопје за 2024 година

Скопје, 27 декември 2023

Годишен буџет со 46% намалени ставки за заштита на животна средина кога 5.600 луѓе во МК годишно умираат од загаден воздух и буџет без точно кои средства за кои проекти ќе се користат - ние одбиваме!

Буџетот е круцијален документ кој МОРА да се носи во соработка со граѓаните и со советниците кои ги претставуваат нив. Тоа што ние сега го добиваме е документ изработен без никакво наше учество. За целото ова време додека најважниот документ за скопјани се составуваше зад затворени врати, на градските сектори им беше забрането директно да комуницираат со нас, советниците.

Зошто ЗХГ одлучи да не поднесува амандмани, туку во целост да го одбие овој штетен буџет? Затоа што од изгласаните амандмани ниту еден до сега не бил комплетиран, а поголем дел од нив никогаш ни започнати (буџет 2021: 27 поднесени, 1 прифатен, 0 остварени; буџет 2022: 33 поднесени, 5 прифатени, 0 остварени; 2023 година: 13 поднесени, 4 прифатени, 0 остварени).

Овој пат одбиваме да се радуваме на поднесени и изгласани амандмани, кои нема да бидат повторно спроведени од градската администрација. Одбиваме да ги разочараме граѓаните кои ни ја дадоа нивната поддршка надевајќи се на решение на најголемиот проблем на Скопје.

ЗХГ нема да го гласа овој буџет и неговите програми, додека не:
Се организира средба помеѓу секторите, градоначалничката и сите советници, и буџетот биде заеднички составен
Се добие т.н. „описен дел“ од буџетот каде што се гледа точно колку средства се планирани за секој проект поединечно
Се дозволи директна соработка со секторите, без потреба од присуство или зелено светло од градоначалник (нешто што ни следува според деловник)
Се комплетираат проектите започнати со амандмани од претходните 2 години
Се вклучат во буџет бројни и ефективни мерки за намалување на аерозагадувањето според барањата на ЗХГ

Можеби сме само 2 совеници од 45, но застапуваме 10.000 скопјани кои гласаа за ЗХГ. Тие, и сите останати заслужуваат преку директна демократија да учествуваат во креирање на буџетот на сопствениот град. Скопје заслужува да дише чист воздух!

 

Фото: Зелен хуман град

Зелен хуман град

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан