• петок, 22 ноември 2024

Зеленски: Околу  300.000 Украинци во Германија немаат работа и ќе мора да се вратат во земјата

Зеленски: Околу  300.000 Украинци во Германија немаат работа и ќе мора да се вратат во земјата

Киев, 1 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека најмалку 300.000 Украинци во Германија не работат и не се ни обидуваат да се вработат и дека затоа ќе бидат принудени да се вратат во земјата кога ќе биде прекината социјалната поддршка на Германија.

-Не сите Украинци се многу среќни што се во странство. Ова не е дел од планот за враќање на Украинците, но ова се фактите. Некои земји и нивните лидери сакаат тие Украинци кои работат таму да останат. Во исто време, бараат и начини да ги натераат оние Украинци кои не работат да се вратат во Украина, рече Зеленски на состанокот со шефовите на територијалните заедници и округот Задкарпатие, пренесе Укринформ.

Според него, денеска во Германија има повеќе од 1,1 милион Украинци, од кои најмалку 300 илјади не работат никаде, не се ни трудат да се вработат и дека такви луѓе има многу низ Европа.

Тој истакна дека значителен дел од овие лица ќе се вратат, бидејќи ќе престанат социјалните бенефиции и поддршката што ја добиваат во странство.

-Тоа ќе исчезне не благодарение на нас. Државите едноставно ќе престанат да им помагаат. Штом нивните општества ја поддржат одлуката дека нема потреба да им плаќаат на Украинците, во тој момент тие земји ќе направат се за целосно да ги запрат плаќањата, рече Зеленски.

Тој нагласи и дека има процент на Украинци кои чекаат да заврши војната за да се вратат.

Според податоците на ОН, населението на Украина е намалено за 10 милиони луѓе, или околу една четвртина, од почетокот на целосната инвазија на Русија поради одливот на бегалци, падот на наталитетот и смртните случаи на војна. сд/
 фото:МИА архива

Остани поврзан