• понеделник, 18 ноември 2024

Зеленски и Гутереш повикаа на продолжување на Црноморската иницијатива за житарките по 18 март

Зеленски и Гутереш повикаа на продолжување на Црноморската иницијатива за житарките по 18 март

Киев, 8 март 2023 (МИА) - Украинскиот претседател Волододмир Зеленски и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска повикаа на продолжување на договорот со Москва што му дозволуваше на Киев да извезува жито преку пристаништата на Црното Море за време на руската инвазија.

Претседателот Зеленски по разговорот со Гутереш во Киев рече дека на светот му е потребна Црноморската иницијатива за житарките, а лидерот на ОН ја истакна важноста на договорот за глобалната безбедност на храната и цените на храната.

Договорот што беше склучен во јули минатата година на 120 дена, а во кој првично посредуваа Обединетите нации и Турција, во ноември беше продолжен и ќе биде обновен на 18 март доколку ниту една од страните не се спротивстави.

-Сакам да ја истакнам критичната важност на 18 март да продолжи Црноморската иницијативата за житарките и работата на создавањето услови за овозможување најголема можна употреба на извозната инфраструктура преку Црното Море во согласност со целите на иницијативата, изјави Гутереш на прес конференцијата во Киев.

Зеленски, пак, додаде дека со Гутереш се согласиле дека продолжувањето на договорот на 18 март е „критично неопходно за светот“.

Русија, која според договорот од јули ја укина блокадата на трите украински пристаништа на Црното Море, посочиува дека пречките за нејзиниот земјоделски извоз мора да се отстранат пред да продолжи договорот.

За да помогне да се убеди Русија да и дозволи на Украина да продолжи да извезува жито од пристаништата на Црното Море, минатата година беше потпишан и тригодишен договор во кој Обединетите нации се согласија да помогнат во олеснувањето на извозот на руска храна и ѓубрива.

Украина и Русија се главните светски снабдувачи на житарки и ѓубрива. сд/

Остани поврзан