• сабота, 23 ноември 2024

Здружението „Конект“ отвори онлајн платформа за групно донирање

Здружението „Конект“ отвори онлајн платформа за групно донирање

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Здружението „Конект“ денеска отвори онлајн платформа за групно донирање со наслов „Оп Оп“ во рамки на иницијативата „Денови на донирање“. На настанот ќе бидат вклучени и донаторски концерти од страна на Елена Ристеска, Ламбе Алабкоски и други музичари, а ќе се реализира и донаторска модна аукција со облека изработена од врвни домашни дизајнери, собирни кутии поставени околу најфреквентните продавници и трговски центри.

-Многу важно за сите нас, како на лично така и на корпоративно ниво е да сме дел од решенијата за проблемите во заедницата. Еден од најубавите начини за тоа е донирањето. Со деновите за донирање создаваме платформа и ги охрабруваме сите  да се вклучат инвестирајќи во подобро утре за сите. Со кампањата секоја година ќе го славиме донирањето и ќе ја негуваме културата на филантропијата, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението „Конект“.

Како што информираат од здружението, „Деновите за донирање“ ќе бидат претставени преку гостувања во медиумите со цел поголема промоција на идејата и обезбедување клима за донирање. 

Од страна на граѓанските организации ќе бидат организирани и координирани активности на терен како во Скопје така и во другите општини во земјата. 

-Овие настани имаат за цел да инспирираат што е можно повеќе граѓани, граѓански организации и компании да се вклучат и да бидат охрабрени и поддржани во спроведувањето на активностите за собирање средства за проекти по сопствена иницијатива или за централниот фонд на Деновите за донирање, велат од „Конект“.

Настанот e организиран во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“, спроведуван од Здружението Конект, a во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската Комора на северо-западна Македонија и Индиго. сх/нд/

Фото: Конект

Остани поврзан