• понеделник, 23 декември 2024

Здружението ЕСЕ ги охрабрува жртвите да не молчат и да го пријават семејното насилство

Здружението ЕСЕ ги охрабрува жртвите да не молчат и да го пријават семејното насилство
Скопје, 30 јуни 2021 (МИА) - Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ ги охрабрува жртвите да не молчат и да го пријават семејното насилство. Обезбедувајќи правна помош од 2002 година до денес, од ЕСЕ информираат дека имаат обезбедено бесплатна правна помош и психолошка поддршка на повеќе од 4.000 жени кои се соочиле со насилство во својот дом. - Центарот за правна помош на Здружението ЕСЕ во 2020 година даде правна поддршка во вкупно 242 различни видови случаи поврзани со семејно насилство. Пред сè станува збор за предмети за развод на брак, издршка, старателство, имотни односи, социјална заштита и кривични постапки, изјави Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ,. За искуството со нивното здружение тие го пренесуваат сведоштвото на млада жена, жртва на семејно насилство. - Подолго време трпев психичко и економско насилство. Минатата година тоа ексалираше и со физичко насилство кое се случи за време на карантинот. Таткото на мојот поранешен сопруг ме удри во пределот на слепоочницата, по што јас паднав долу на подот и бев во неколкуминутно бесознание. Ме крена тогашниот сопруг и ме зароби на креветот во спалната соба. Ме држеше приклештена околу половина час, сведочи младата жена. Таа одлучила да не молчи за насилството што го доживеала и се обратила во Здружението ЕСЕ. - Првично ме советуваа дека треба да се обратам во Центарот за социјална работа, дека треба да се погрижам за моето и за здравственото осигурување на моите две деца. Беа тука во секое време за мене за да ми дадат правна помош, психолошко советување и што и да е друго потребно. Беа достапни 24/7 за мене. Ми помогнаа во четири правни постапки. Благодарение на оваа поддршка се чувствував посигурна, чувствував дека не сум сама, се чувствувате згрижена, чувствувате дека сè е возможно. И покрај тоа што ви се случило дека има излез и има решение за сè, вели жртвата. Жртвите на семејно насилство може да побараат бесплатна правна помош на телефонскиот број 02 3117 866 и онлајн преку платформата https://pobarajsovet.mk/. Видео сведоштвото на младата жена која одлучи да не молчи за семејното насилство е достапно на следниот линк. ар/сп/

Остани поврзан