• понеделник, 23 декември 2024

Зголемен водостој на реките што ги полнат хидросистемот Брегалница, од браната Калиманци се испуштаат по 18 кубни метри вода во секунда

Зголемен водостој на реките што ги полнат хидросистемот Брегалница, од браната Калиманци се испуштаат по 18 кубни метри вода во секунда

Кочани, 17 јуни 2023 (МИА) – Зголемен водостој на реките што ги полнат акумулациите на хидросистемот Брегалница регистрираа попладнево вработените во водостопанската подружница од Кочани.

Од браната Калиманци во моментот превентивно се испуштаат по околу 18 кубни метри вода во секунда што се користи за производство на електрична енергија. Доткот во акумулацијата е со променлив капацитет и во просек се движи над 20 кубни метри во секунда.

-Во текот на денот од реката Брегалница измеривме доток од 45 кубни метри во секунда, така што преостануваат само околу 10 сантиметри до максималното ниво на Калиманци, по што можно е да дојде до прелевање преку ѕидот на браната. Браната Гратче веќе е на прелив, а нашите екипи се на 24-часовно дежурство на терен, ја следиме состојбата околу рамничарските села во Кочанско. Најсериозно е кај селото Долни Подлог, во близина на оранжерискиот комплекс „Зелена куќа“. Овде нивото на Кочанска Река е на максимална кота и го загрозува мостот на локалниот пат кон Облешево. Доцна попладнево дојде до извесно намалување на водата, па нема опасност од поплавување на комплексот, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.

Поради зголеменото ниво на водата во Кочанска Река на одделни места во атарот на селата Горни и Долни Подлог пробиен е земјениот брег и поплавени се десетина хектари со пипер и пченка. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан