Зголемен број прегледи на инфективно одделение во кумановската Oпшта болница
- Зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош на инфективно одделение во кумановската Oпшта болница, информираа денеска лекарите. Пациентите се жалат на зголемена температура, малаксаност, повраќање, гадење, болка во стомакот, дехидрираност. Дневно има околу 100-тина прегледи.
Куманово, 19 јули 2024 (МИА) - Зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош на инфективно одделение во кумановската Oпшта болница, информираа денеска лекарите. Пациентите се жалат на зголемена температура, малаксаност, повраќање, гадење, болка во стомакот, дехидрираност. Дневно има околу 100-тина прегледи.
- Со оглед на тоа што цревните инфекции како такви се јавуваат во текот на целата година континуирано, но пикот секогаш во летните месеци така е и оваа година. Поголем број од пациентите се јавуваат за нив, а има и помал број со бронхопневмонии. Инфекциите ги засегаат сите возрасни групи, така што главно бараат помош заради таквите проблеми. Доаѓаат заради покачена температура, повраќање, пролив, малаксаност, дехидратација, стомачни болки, сите тие симптоми кои се вообичаени и ги пратат ваквите инфекции. Со бронхопневмонии се спорадични случаи, тоа се такви болести кои бараат и хоспитализација така што главно ние и таквите фебрилни состојби и бронхопневмонии ги хоспитализираме, изјави доктор Валентина Џартовска од инфективно одделение од Општа болница - Куманово.
Летниот период е време за дружба, патувања, собирање на поголеми групи на луѓе, што придонесува за ширење на инфекциите. Доктор Џартовска препорачува да се внимава на личната хигиена, на подготовка и на складирањето на храната, на соодветно чување.
- Терапијата секогаш зависи од степенот на засегнатост на болниот, тука би биле малите деца и повозрасните над 60 години заради хроничните болести кои си ги носат со себе, така што без разлика на тоа симптоматологијата горе долу кај сите е иста, почнува со повраќање, дијареја, температура, треска, болки во стомакот, така што тука би биле и сите оние работи со кои би можеле да си помогнеме. Се губи голема количина на течности, така што тоа би било и првиот начин на самопомош за консумација на поголема количина на течности, топлото време и инаку бара поголемо количество на течности секојдневно и од нас самите, ама кога ќе имаме вакви ситуации тоа би требало уште повеќе, препорачува доктор Џартовска. ам/мд/
Фото: МИА