• петок, 22 ноември 2024

Зголемен бројот на бездомници на улиците на Лондон

Зголемен бројот на бездомници на улиците на Лондон

Лондон, 31 јануари 2024 (МИА) - Бројот на луѓе кои спијат на улиците на Лондон се зголеми за 23 отсто и достигна повеќе од четири илјади луѓе, што е највисоко ниво во текот на последната деценија, објави Гардијан.

Градското собрание објави дека на улиците на Лондон имало 4.389 бездомници во четвртиот квартал од 2023 година, што е зголемување за 23 отсто во споредба со истиот период во 2022 година.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан ја обвини британската влада дека „замижува“ пред проблемот.

Официјалните лица предупредија дека станува збор за „хуманитарна криза“ која се очекува да се влоши.

Ова е највисока бројка откако градското собрание почна да ги евидентира податоците во 2014 година.

Повеќе од половина првпат спиеле на лондонските улици, а хуманитарните организации за бездомниците оцениле дека ситуацијата е катастрофална.

Добротворната организација „Кризис“ предупреди дека девет од 10 луѓе кои грубо спијат доживуваат насилство или злоупотреба, при што многумина се гаѓани со цигли или шишиња.

Според последните податоци, 40 отсто од оние што спијат на улиците на Лондон се од Велика Британија, а останатите се од Европа (24 отсто), Африка (15 отсто), Азија (10 отсто) и други места (11 отсто). мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан