• понеделник, 23 декември 2024

Зголемено загадување на воздухот во Неготино од 18 до 22 часот 

Зголемено загадување на воздухот во Неготино од 18 до 22 часот 
Неготино, 2 ноември 2022 (МИА) - Зголемено загадување на воздухот во Неготино има навечер од 18 до 22 часот, изјави за МИА Сашко Тодоров, претседател на Здружението на граѓани „Ековита" од Неготино. Тој информира дека „Ековита“ редовно ја следи состојбата со загадувањето на воздухот во Неготино, а активностите се во рамки на проектот „Граѓанските организации во акција за климата“, поддржан од Шведската меѓународна агенција SIDA, спроведуван од Центарот за истражување и информирање Екосвест, Македонското здружение на млади правници и ЦНВП Македонија. - Од графиците за состојбата со загадување, може да се забележи дека после 22 часот, загадувањето паѓа  во нормални вредности, нагласи Тодоров, регионален координатор за Вардарскиот регион. „Ековита" со својата индикаторска мерна станица, подвлекува тој, во континуитет ги следи климатските вредности, температура и влажност, како и ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките во Неготино. Податоците се јавни  и граѓаните овие информации можат да ги добијат во секој момент на апликацијата „Мој воздух",  или, за даден период, во здружението. Претседателот на ,,Ековита" беше дециден дека во текот на летото, загадувањето било под дозволените вредности. - Со спуштањето на температурата и почетокот на грејната сезона, очекувано е да се зголемат  и концентрациите на загадувачки честички . Аерозагадувањето дополнително го зголемуваат и стабилните климатски услови, во кои нема воздушни струења и загадениот воздух останува во котлините, додаде Тодоров. свд/цр  

Остани поврзан