• вторник, 05 ноември 2024

За спроведување на Стратегијата на Ромите се издвоени 73,3 милиони денари, истакна Ковачевски

За спроведување на Стратегијата на Ромите се издвоени 73,3 милиони денари, истакна Ковачевски
Скопје, 28 април 2022 (МИА) - Во 2022 година за спроведување на Стратегијата на Ромите се издвоени 73,3 милиони денари, што во услови на кризна година е зголемување за 18 милиони денари во однос на 2021 година, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на собраниска седница за пратенички прашања. Одговарајќи на пратеничко прашање за образованието на Ромите во основното и средното образование, за Директоратот на Ромите, за социјалната инклузија и за вклучувањето на ромската заедница во образованието, Ковачевски рече дека МОН во Буџетот за 2022 година обезбедува средства од 30 милиони денари поддршка за имплементација на Стратегијата на Ромите, поточно зголемување на опфатот на ромските деца и ученици и подобрување на успехот во сите сегменти од образованието. Ковачевски информира дека меѓу целите е намалување на стапка на напуштање на основно и средно образование, преку различни програми и ромски образовни медијатори. Тој соопшти дека се зголемува опфатот на децата Роми во образованието и во изминатите три учебни години во прво одделение се запишани се 4.453 деца Роми, опфатени се повратници од 202 деца во образованието, а во образованието одново се реинтегрирани 413 деца. Премиерот Ковачевски потсети дека припадниците на ромската заедница, исто така, во основното образование имаат право на избор на настава на мајчин јазик и има учебници по изборниот предмет Ромски јазик и култура. Од учебната 2009/2010 до 2021/2022 година доделени се 8.543 стипендии на ученици Роми од јавните и приватните средни училишта во земјава. За зголемувањето на бројот на студенти Роми, премиерот рече дека тоа е регулирано со закон и од 2016/2017 година, од кога почнува доделувањето првпат стипендии за студенти Роми до академската 2021/2022 година, додели се вкупно 512 стипендии на студенти Роми. За зголемувањето на децата Роми во предучилишното образование, дел од работата на МТСП, во учебната 2021/2022 година, според заклучокот од Владата, 187 деца Роми од социјален ризик се вклучени во предучилишно образование со ослободување од партиципација во 15 општини. Во однос на подобрувањето на социјалната инклузија, Ковачевски информира дека во моментов функционираат осум информативни ромски центри во Гостивар, Кичево, Делчево, Кочани, Виница, Неготино, Битола и Шуто Оризари, во кои се ангажирани девет информатори и се дадени 2.500 услуги, најмногу во социјална и здравствена заштита. Премиерот Ковачевски потсети дека претходно постоеше министер без ресор кој беше задолжен за прашањата на Ромите,  а сега има советник на претседателот на Владата за таа цел. Тој наброи и проекти кои се однесуваат на зголемување на вработеноста на Ромите во земјава, за кредитите што им се на располагање, како и тренинзи за полесно наоѓање работа на припадниците на ромската заедница. На почетокот на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски процедурално забележа дека ова е прва седница за пратенички прашања по девет месеци или по 270 дена, оценувајќи оти во Собранието не се остварува алатката или инструментот пратенички прашања. Според него, не е во ред Владата да одговара на пратениците од власта и треба да се дозволи на опозицијата да ги поставува прашањата. На ова потпретседателот на Собранието. Горан Мисовски рече дека не се повредени процедурата и Деловникот на Собранието, нагласувајќи дека не ја прифаќа процедуралната забелешка. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, пак, процедурално потсети дека порано имало нарачани пратенички прашања, предлагајќи седници за пратенички прашања да има на две недели и тие да бидат тематски. Според него, се постапува по Деловникот и апелираше седницата да продолжи. Пратеникот Димитар Апасиев од Левица, повикувајќи се на член 40 став 2 од Деловникот, процедурално забележа дека пратениците кои поставуваат прашања неправилно се распоредуваат. Тој истакна дека денеска, а и претходно, пратениците на Левица секогаш биле ставана подолу на списокот за постапување прашања, со што, како што рече, им се оневозможува да постават прашања. Тој додаде дека опозицијата не е само ВМРО-ДПМНЕ и дека Левица е посебен ентитет. Мисовски на ова одговори дека редоследот на пратениците што ќе поставуваат прашања го прави претседателот на Собранието заедно со координаторите и не ја прифати забелешката на Апасиев. мд/сп/

Остани поврзан