• понеделник, 23 декември 2024

За првите шест месеци ЈП „Комунална хигиена“ отстраниле 5.872 кубни метри отпад од диви депонии

За првите шест месеци ЈП „Комунална хигиена“ отстраниле 5.872 кубни метри отпад од диви депонии
Скопје, 2 јули 2022 (МИА) - Во периодот јануари-јуни 2022 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа вкупно 76.856 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, односно 425 тони на ден. Направени се 11.940 тури на собирање, или просечно по 66 тури дневно. Како што соопштија од Јавното претпријатие, во текот на првите шест месеци од годината биле отстранети приближно 5.872 м3 отпад од голем број диви депонии лоцирани во речиси сите скопски општини. Во периодот од 21 март до 28 мај 2022 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје учествувала во акциите за генерално чистење на сите скопски општини во организација на Градот Скопје, во чиишто рамки биле отстранети диви депонии на приближно 150 локации. Во текот на акциите, во скопските општини се поставени и специјални садови каде што граѓаните имале можност да го одложат својот кабаст отпад што беше подигнат и транспортиран од страна на екипите на претпријатието.                             Во првата половина од годината, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје, се додава, реализираше бројни акции и дежурства, во чиишто рамки беа изготвени вкупно 416 едукативно-информативни записници за правилно постапување со отпадот, наменети за граѓани и правни лица затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота, односно одлагање отпад на јавни површини. Со цел - одржување на максималното ниво на јавната хигиена и чистота, Претпријатието спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини - улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. Во пресрет на најзначајните верски празници беше извршено рачно и машинско миење на дворовите и околината на поголемите верски храмови. Во координација со останатите скопските јавни претпријатија беа спроведени и акции за генерално чистење на Камениот мост и кејот на реката Вардар. Со ангажман на 30 работници и употреба на две специјални возила, ЈП Комунална хигиена-Скопје зема учество и во масовната акција за чистење на падините на Водно - „Генералка викенд“, поддржана од Градот Скопје. Од ЈП Комунална хигиена-Скопје потсетуваат дека неодамна се приклучиле и кон иницијативата на Здружението на даватели на комунални услуги - АДКОМ за обраќање кон Владата на РМ, со цел да се изнајде решение за финансиска помош на јавните претпријатија. -ЈП Комунална хигиена-Скопје се соочува со драстичен пад на наплатата на побарувањата како од домаќинствата така и од правните субјекти, што го доведуваат во прашање извршувањето на примарните активности на Претпријатието на терен. Воедно, цените на горивата што се употребуваат за нормално функционирање на возниот парк на ЈП Комунална хигиена-Скопје се зголемени за над 80 проценти во однос на минатата година, додека идентична е состојба и со цената на електричната енергија. Имајќи предвид дека активностите и дејствувањето на ЈП Комунална хигиена-Скопје се од витално значење за нормалното функционирање на градот Скопје и пред сè фактот дека нашето финансирање се одвива исклучиво преку наплатата на нашите услуги што поради новонастанатата ситуација е крајно отежната, ја поддржуваме иницијативата на АДКОМ за изнаоѓање институционално решение за излез од финансиската криза на јавните претпријатија во државата, изјави в.д.директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Мазнева, стои во соопштението. вг/аа/

Остани поврзан