• сабота, 23 ноември 2024

За неправилно паркирање подигнати 2129 возила, казни од 45 до 180 евра

За неправилно паркирање подигнати 2129 возила, казни од 45 до 180 евра
Тетово, 15 јануари 2021 (МИА) - Во 2020 година на подрачјето на Тетово вкупно биле санкционирани и подигнати 2.129 непрописно паркирани возила, претежно паркирани во зона на крстосници, во таканаречени двојни редови и на други недозволени места, бележи аналитичкиот центар на СВР Тетово.
На возачите-прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и тие ќе се соочат со парична глоба која, зависно од направениот прекршок, се движи од 45 до 180 евра во денарска противвредност, со надомест за подигнувањето и транспортирањето.
-Тетовската Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај продолжува со континуираните активности за поголем ред и безбедност со паркирањето во Тетово.Вчера (14 јануари) вкупно биле откриени 15 непрописно паркирани возила, односно возачи, кои го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот, поради што возилата биле подигнати од тетовската „пајак-служба“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Од СВР Тетово потенцираат дека деновиве, исто така, продолжува и имплементацијата на најновите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, чија практична примена започна кон крајот на минатиот месец. -Заклучно со денеска (15 јануари)  времено одземени на 90 дена се вкупно 12 возила со истечена регистрација повеќе од шест месеци, информира Јосифоски. Глобата за овој сообраќаен прекршок изнесува 500 евра во денарска протиоввредност. ас/нд/

Остани поврзан