• понеделник, 04 ноември 2024

За малата подморница која исчезна во близина на Титаник се водел судски спор поради сомневање за недоволна безбедност

За малата подморница која исчезна во близина на Титаник се водел судски спор поради сомневање за недоволна безбедност

Вашингтон, 21 јуни 2023 (МИА) - Компанијата чија мала подморница со пет лица исчезнала во водите на Северниот Атлантик за време на туристичко нуркање до потонатиот брод Титаник, постојано била предупредувана за потенцијални катастрофални безбедносни проблеми со изградбата на бродот, јавија американските медиуми цитирајќи документи.

Дејвид Лохриџ, директорот за подводни операции на OceanGate, напишал инженерски извештај уште во 2018 година во кој се наведува дека бродот, тогаш се уште во развој, мора да помине дополнително тестирање и дека неговите патници може да се најдат во опасност „на екстремни длабочини“, според документите од тужба поднесена во Окружниот суд во Сиетл.

Сепак, Оушн Гејт го тужеше Лохриџ истата година за прекршување на договорот за доверливост, а тој се спротивстави на тврдењето дека бил погрешно отпуштен поради поставување прашања за тестирањето и безбедноста на бродот.

Загриженоста на Лохриџ беше поврзана со одлуката на компанијата да се потпре на чувствителна акустична инспекција на облогата на садот. Лохриџ рече дека компанијата му кажала дека нема опрема што може да изврши таков тест на облогата.

Во противтужбата на Лохриџ се наведува дека ова резонирање е проблематично „бидејќи тој тип на акустична анализа само открива дека компонентата што се тестира е на пат да пропадне - обично милисекунда пред имплозијата - и не открива дефекти што постоеле пред да се стави под притисок облогата“.

Пловилото е дизајнирано да нурне до длабочина од 4.000 метри, каде што се наоѓа Титаник. Сепак, според Лохриџ, прозорецот низ кој патниците ја гледаат надворешноста е сертифициран за нуркање до 1.300 метри, а Ocean Gate не сакал да му плати на производителот да направи прозорец со сертификат за 4.000 метри.

Одлуката на компанијата „ќе ги изложи патниците на потенцијална екстремна опасност во експериментален подводен брод“, се вели во противтужбата.

Сепак, компанијата во жалбата наведе дека Лохриџ „не е инженер и не бил вработен, ниту пак од него било побарано да обезбеди инженерски услуги на бродот Титан“.

Тој беше отпуштен откако ги отфрли уверувањата на главниот инженер на компанијата дека протоколот за акустично следење и тестирање е всушност посоодветен за откривање дефекти отколку какво било скенирање, се вели во контратужбата.

Во изјавата испратена по е-пошта, портпаролот на компанијата рече дека сега веќе исчезнатиот Титан е завршен со сезоната 2020-2021 година и дека веќе не е истиот што се споменува во судската постапка. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан