За изборите во Албанија за два дена испратени 71.536 коверти со гласачки ливчиња во шест земји
- -Испратените коверти им припаѓаат на сонародници од окрузите (Изборните единици) Драч 24.872, Берат 15.502, Пешкопеја 9.582, Елбасан 21.540 и Кукс 40 коверти. Вкупниот број на наши граѓани кои живеат и работат во странство, а на кои позитивно им е одговорено на апликацијата изнесува 245.953. Останатите, деновиве ќе ги добијат ковертите во кои има само едно гласачко ливче, наведуваат од ЦИК.

Тирана, 15 април 2025 (МИА) - Централната изборна комисија на Албанија, информираше дека вчера почнала со дистрибуција на првите гласачки ливчиња на албанските граѓани, кои живеат во странство и се пријавиле да гласаат на парламентарните избори на 11 мај.
Според официјалните бројки на ЦИК, од страна на поштенска компанија „ДХЛ“, досега се испорачани 71.536 коверти во шест држави, најмногу во Италија, 31.115, Грција 21.177 Германија 7.141, останатите во Обединетото Кралство, САД и во Франција.
-Испратените коверти им припаѓаат на сонародници од окрузите (Изборните единици) Драч 24.872, Берат 15.502, Пешкопеја 9.582, Елбасан 21.540 и Кукс 40 коверти. Вкупниот број на наши граѓани кои живеат и работат во странство, а на кои позитивно им е одговорено на апликацијата изнесува 245.953. Останатите, деновиве ќе ги добијат ковертите во кои има само едно гласачко ливче, наведуваат од ЦИК.
Додаваат дека гласачите во дијаспората имаат рок до првата недела од мај да гласаат и да го испратат назад ковертот со ливчето, посочувајќи дека секој глас што ќе пристигне во Албанија на 11 мај, по 19 часот, ќе се смета за неважечки.
-Гласачките ливчиња ќе стигнат до нашите сонародници во Европа од 15 до 22 април а на другите континенти од 15 до 25 април. Затоа апелираме по добивањето на ковертот со гласачкото ливче, да се изјаснат и да го испратат до ЦИК во рок од три дена од моментот на приемот. Нема да потрошат ништо, бидејќи поштарината ја плаќа ЦИК, нагласуваат од комисијата.
Ова се 11-ти по ред парламентарни избори во плурална Албанија, на кои за првпат и се дава можност да гласа албанската дијаспора. Пријавени за гласање се од 85 земји во светот, најмногу се во Италија или 90 илјади гласачи, потоа Грција, над 60 илјади, Германија над 25 илјади, САД со околу 21 илјада, Велика Британија со околу 18 илјади гласачи. Во 13 земји има само по еден гласач, меѓу кои Фиџи, Венецуела, Украина. вт/сд/
Фото: ЦИК