• понеделник, 23 декември 2024

За еден ден во Грција пријавени 100.000 граѓани од 30-39 години за вакцинација со Астра Зенека

За еден ден во Грција пријавени 100.000 граѓани од 30-39 години за вакцинација со Астра Зенека
Атина, 28 април 2021 (МИА) – За помалку од 24 часа, на првиот ден, се пријавија околу 100.000 млади на возраст од 30 до 39 години и веќе се закажани 200.000 термини за вакцинација со Астра Зенека, откри заменик-министерот за дигитална политика на Грција Јоргос Георгадас, говорејќи за првата програма на грчкото државно радио, јави дописничката на МИА од Атина. Вчера беше отворена платформата за пријавување за вакцинација на конкретната старосна група, а имунизацијата е исклучиво со вакцината на Астра Зенека, поради достапниот број вакцини од конкретната компанија. Заменик-министерот за дигитална политика на Грција во интервјуто рече дека до крајот на мај се очекува во земјата да бидат спроведени пет милиони вакцинации и објасни дека од 5 мај ќе работат 1.500 центри за вакцинација од 1.178 колку што функционираат сега. -Мислам дека до крајот на мај ќе можеме да имаме пет милиони вакцинации, што е и целта. А да споменам и дека денеска ќе надминеме три милиони вакцинации. Вчера, стигнавме до 2.945.000, а денеска ќе надминеме три милиони. Од вакцинациите, 2.064.000 се граѓани кои ја примиле првата доза, а 881.000, ја примиле и втората доза, рече Георгадас. ср/

Остани поврзан