• петок, 22 ноември 2024

Однос кон двата Илиндена и потребата од национална стратегија за идентитетот

Однос кон двата Илиндена и потребата од национална стратегија за идентитетот

Крушево, 13 август 2024 (МИА) - Годишнините на првиот и вториот Илинден ги одбележавме (121-година од 1903 и 80 години од 1944 година), а во во пресрет на третиот Илинден (23 години од 8 септември 1991-та), македонските историчари ја отворија темата со заклучокот „Илинден е нашиот национален код“. Ова, во рамките на националната манифестација „10 дена Крушевска Република“ која по 21 година го возобнови научниот симпозиум, отворајќи повеќе прашања: Каков е нашиот однос кон двата Илиндена, особено во денешни рамки на турболентни политички констелации.

Според историчарката, сега директорка на Државниот архив на Македонија, Наташа Котлар Трајкова, суштината за „Илинден- наш национален код“ е во идејноста и содржинската основа.

-Идејноста е зашто целото ослободително движење се темели на Македонската револуционерна организација, која 10 години, пред Илинденското востание, го подготвува македонското население за ослободување и создавање на една револуционерна платформа која ќе овозможи промена на власта, трансфер на власта и една политичка, културна и национална преобразба на Османлиската држава или создавање на Македонска слободна држава. Што се однесува до содржината, Вапцаров, само со една реченица го има тоа објаснето: „Во Илинден ние внесовме македонска содржина“, вели Котлар Трајкова.

Во моментов, сериозно треба да ги зацврстиме темелите на она што претставувало традиција во одбележувањето и оддавањето чест кон Илинден. За Котлар Трајкова денешниот однос кон Илиндените е летаргичен, што пак води во опасност од неподготвени млади генерации за идентитетска определба.

-Мислам дека секој оној кој претставува и општествена и политичка коњуктура, треба да го има своето однесување кон Илинден со поинаков однос и пиетет. Тоа треба да го прави и преку образовните, научните, културните институции, и, пред сѐ, преку владејачката номенклатура која треба самата да дава пример како се чествува еден вистински национален и државен момент, празник. Опасноста од таа летаргија значи неподготвени млади генерации кои немаат чувство за националба определба, или идентитет. Тоа повлекува и една состојба кога нема да се зачуваат вредностите на едно општество кое ќе наклонува кон сосема други насоки и вредности, објаснува Наташа Котлар Трајкова.

Крушевскиот манифест и манифестот од АСНОМ носат пораки кон кои треба да се стремиме и се одраз на демократските европски стремежи. Односот спрема двата Илиндена е токму преку тие пораки. Тие вредности треба да ги браниме, анализира историчарот Митко Панов, в.д. директор на Институтот за националана историја.

-Илинден, всушност е придонесот на Македонија и за демократска Европа. И во денешно време кога се вели дека се прават обиди за релативизирање на фашизмот, потребно е да осознаеме дека кога го славиме денот на Републиката, во суштина го славиме и придонесот за современа Европа. Тоа треба да го имаме предвид кога сакаме да бидеме респектабилна земја и нација во Европа. Треба да ги браниме тие вредности и тие пораки кои се содржани и во двата Илиндена. И да не ги заборавиме тие пораки, бидејќи постојат тенденции за релативизација, за бришење на терминните, на пример, фашизам, или антифашизам, или пак, за некакво врамување во заеднички контекст на нешто што не било заедничко. Треба да бидеме свесни дека Илинден е нашата постисторија, смета Панов.

Оваа тема допира и до договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Се инсистира на заедничка исторја, но проблематично е што во договорот не се прецизира на што се мисли со тоа заедништво.

-Прашањето за заедничка историја е дискутабилно бидејќи не е дефинирано во договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Потоа е проблематизирано од членовите на комисијата, но задоцнето. Кога се дефинирал договорот, требало точно да се дефинира што се подразбира под заедничка историја. Немам дилема дека политичкото инволвирање во конструирање на некаква замислена заедничка историја, не може да најде плодна почва. Мора да ги имаме предвид овие историски пораки од двата Илиндена и тоа е најдобриот одговор за проблемите и условувањата кои ни се наметнати и кои немаат ништо заедничко со демократските вредности, вели Митко Панов.

Историчарката Драгица Поповска од Институт за национална историја од Скопје смета дека итно ни е потребна национална стратегија што се однесува до идентитеското прашање. Истражувањата покажуваат дека во општествената сфера Илинден е високо вреднувана содржина. Во улици, плоштади, училишта, во химната, ордени, признанија. Треба да се изгради колективна меморија прифатлива за повеќето, без разлика на националната припадност.

-Битно е да се изгради една нарација која ќе создаде поголема кохезија меѓу населението со што ќе ги намали фрустрациите на граѓаните, а ќе го зајакне и идентитетот. Важно е да се изгради национална стратегија која се однесува на идентитетот, директно поврзана со колективната или општествена меморија. Колективната нарација треба што повеќе да е блиска до индивидуалната. Од политичарите и политиката е битно каква нарација ќе се изгради. Во моментов немаме национална стратегија, туку имаме повеќе различни визии за идентитетот, како и каде треба да се движи државата. Да се изгради колективна меморија која ќе биде помалку или повеќе прифатлива за поголем дел од населението, без разлика на етничката припадност, заклучува професор Драгица Поповска од Институтотза национална историја од Скопје. ем/ац/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан