Захави: Намалувањето на изолацијата за лицата заразени со Ковид од седум на пет дена ќе и помогне на британската работна сила
- Намалувањето на периодот на задолжителна самоизолација за лицата заразени со Ковид од седум на пет дена ќе и помогне на британската работна сила, рече министерот за образование Надим Захави.
Лондон, 9 јануари 2022 (МИА) - Намалувањето на периодот на задолжителна самоизолација за лицата заразени со Ковид од седум на пет дена ќе и помогне на британската работна сила, рече министерот за образование Надим Захави.
„Секогаш би ги следел научните совети на оваа тема. Тоа секако би помогнало да се намали дел од притисокот врз училиштата, потребната работна сила и други“, изјави Захави за Скај њуз.
Новиот сој коронавирус - Омикрон продолжува да се шири низ Обединетото Кралство, поради што многу бизниси, училишта и болници се борат со недостиг на работна сила.
Минатиот месец здравствените власти во Соединетите Американски Држави ја намалија задолжителната мерка за изолација за асимптоматски случаи на инфекција со Ковид на пет, од 10 дена.
Захави рече дека британската Агенција за здравствена безбедност размислува за должината на периодот на задолжителна изолација и дека Владата прави се што е во нејзина моќ да обезбеди здравствената служба да може да работи во, како што наведе, неколку тешки недели.
„Отсуството на наставници во училиштата е 8,5 отсто, а тој број може да порасне“, рече Захави, додавајќи дека се прават итни планови за „секој исход“, вклучително и дека отсуството достигнува 25 проценти.
Министерот Захави изрази надеж дека Британија ќе стане една од првите земји што ќе научи да живее со коронавирусот.
„Се надевам дека ќе бидеме една од првите големи економии што ќе му покажеме на светот како да премине од пандемија во ендемија“, рече тој.
Обединетото Кралство регистрираше повеќе од 150.000 починати од Ковид во саботата и стана првата земја во Европа што ја надмина оваа бројка. паг/