• понеделник, 23 декември 2024

Затворена манифестацијата Вевчанско лето 2022

Затворена манифестацијата Вевчанско лето 2022
Скопје, 28 август 2022 (МИА) - Со настапот на Хорот на Базелската катедрала, синоќа се затвори манифестацијата Вевчанско лето 2022 што се одржуваше од 15 јули во организација на Здружението за афирмација на туризмот, културата и културното наследство - Вевчани Турист Инфо, под покровителство на Општина Вевчани. Хорот на Базелската катедрала е еден од најуспешните во Швајцарија. Одржуваат многубројни концерти во државата, но и надвор од земјата. За нивната успешност говорат и бројните проекти и соработки со светстки познати музичари и музички групи. Меѓу нивните најзначајни турнеи е турнејата во Јужна Африка каде што во текот на две недели одржале многу концерти во градови од Јоханезбург до Кејп Таун. Диригент на хорот е Оливер Рудин, а за сценската изведба е задолжен Даниел Рафлауб. Во рамки на манифестацијата повеќе од еден месец Вевчани беше мегдан на богати музички, културни и спортски збиднувања. -Важноста од култура и културни настани за нашава населба ја препознаа членовите и основачи на здружението Вевчани Турист Инфо кое е формирано и основано уште во 2011 година од угостителско-туристички работници во Вевчани и токму тие во интерес на развојот на туризмот, уметноста и побогат културен живот во населбава овозможија здружението Вевчани Инфо Турист да биде носителот и организаторот на Вевчанското лето. Искрено им благодарам на членовите и основачи на здружението: Владимир Алулоски, Наташа Богоеска, Тошо Чочороски, Јованка Кукоска, Тони Костојчиноски, Андре Попески и Дарко Чочороски, истакна градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски. Вевчанското лето се отвори со монодрамата „Кармен “ на Билјана Драгичевиќ Пројковска во режија на Дејан Пројковски. Од 20 јули во галериите на Мултикултурниот центар беше отворена детската ликовна изложба во рамки на првата детска ликовна школа во организација на колонијата Вевчански видувања. За најмладите, во Домот на Култура во Вевчани гостуваше Интимен театар од Битола, со театарската претстава „Шушавко, Мајмунот и Снежната Кралица во режија на Софија Ристевска. Младата пијанистка Аница Нелоска, заедно со нејзината соученичка Јана Блажевска и нашиот млад музичар, вевчанецот Марко Китаноски, одржаа целовечерен концерт. Вевчанско лето го прослави и Илинден. Со свој настан насловен Ноќ спроти Илинден – вечер на етно музика и поезија, во чест на големиот македонски празник Илинден, се одржа концерт на флејтистката Невена Танеска и музичарот Теодор Бошков, придружени со стиховите на младата писателка Верица Мукоска во прекрасната природа на Вевчанските извори. Вевчанското лето беше збогатено и со спортски настани. Трчаме непокорни и горди – Крос на поранешни и сегашни ученици на ООУ „Страшо Пинџур“ беше содржината која му даде спортски дух на Вевчани. Во чест на непокорот на Вевчанци 7 август беше инспирација за ликовните уметници од Вевчани за Вевчани. Во Мултикултурниот центар беше отворена изложбата на вевчанските ликовни уметници: Никола Угриновски, Аница Китаноска, Марјана Костојчиноска Узунчева, Симун Лешоски, Симун Коруноски, Перо Шутиноски и Коста Костоски. Со програмската содржина „Вечер на непокорот“ одбележавме 35 години од Вевчанскиот случај, датум кој ќе биде засекогаш запамтен во Вевчанската историја. Прикажани беа сведоштва на Драгослав Симиќ, новинар во пензија од радио Београд, за Вевчанскиот случај во 1987 година, а модератор на вечерта беше нашиот вевчанец Проф.д-р Пера Кочовиќ. Од 15 до 19 август традиционално, по 12 пат во организација на КУД Дримкол од Вевчаниво во очи на вевчанската слава Преображение Христово, се одржа големиот фесивал на народна култура „Пображење“ - Вевчани, денови на традиција, песна, орото каде учество зедоа културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли од земјава и Балканот. За најмладите пред неколку дена гостуваа и пееја Златните славејчиња од Скопје. Вевчанското лето заврши синоќа со Хорот на Базелската катедрала кои пристигнаа од Базел, Швајцарија.вј/вг/  

Остани поврзан