• петок, 22 ноември 2024

Заседание на ЕП: Меѓу темите за дебати - кризата на Блискиот Исток, унгарското претседавање, Шенген зоната и Фронтекс 

Заседание на ЕП: Меѓу темите за дебати - кризата на Блискиот Исток, унгарското претседавање, Шенген зоната и Фронтекс 

Брисел, 8 октомври 2024 (МИА) – Во Стразбур оваа недела се одржува пленарно заседание на Европскиот парламент, на кое претпладнево се предвидени дебати за претстојниот Самит на Европската Унија, како и за ескалацијата на насилството на Блискиот Исток и ситуацијата во Либан, на која ќе присуствува и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. 

На расправата за Самитот на ЕУ, што треба да се одржи на 17 и 18 октомври во Брисел, се очекува пратениците да говорат за приоритети што според нив треба да се најдат на дневниот ред на средбата на европските лидери, меѓу кои и руската агресија врз Украина, подобрување на конкурентноста на европската економија, реакцијата на ЕУ на последните настани на Блискиот Исток, како и справувањето со миграцијата. 

Во дебатата со Борел, по темата за ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, европратениците ќе расправаат и за случувањата со „поткопувањето на демократијата“ во Грузија, руските обиди за мешање во претседателските избори во Молдавија, како и за ситуацијата во Судан. Од овие дебати треба да произлезат резолуции за Грузија и за Молдавија, за чие усвојување пратениците треба да гласаат утре. 

Попладнево тема за расправа пред Европарламентот ќе бидат предизвиците со кои се соочува автомобилскиот сектор во ЕУ и како мерките што би требало да се преземат за зајакнување на конкурентноста на европската автомобилска индустрија. По дебатата ќе биде подготвена резолуцијата, која ќе биде ставена на гласање на следното заседание на ЕП.  

На денешното попладневно продолжение на заседанието предвидена е дебата и за состојба на здравјето на животните во Европа, како и за потребните мерки за спречување на евентуална санитарна криза во земјоделството во иднина. 

За утре претпладне е предвиден централниот настан на оваа заседание – дебатата на европратениците со унгарскиот премиер Виктор Орбан посветена на приоритетите на претседавањето на Унгарија со ЕУ. Оваа дебата требаше да се одржи на минатото заседание на ЕП кон средината на септември, но беше одложена на барање на Орбан поради поплавите што во тој период ја погодија Унгарија.  

Во попладневните часови е предвидено Европарламентот да расправа за управувањето со надворешните граници на Европа и за улогата на Агенцијата за гранична и крајбрежна контрола на ЕУ (Фронтекс), а ќе се одржи и дебата со претставници на Еврокомисијата за поттик на јавните и приватните инвестиции за обезбедување пристојни и достапни домови во ЕУ. 

Во продолжение на утрешното заседание, предвидена е тематска дебата за можноста за дополнително оданочување на најбогатите како еден од начините за обезбедување средства за справување со сиромаштијата и намалување на економската нееднаквост во ЕУ, по што европратениците ќе расправаат и за Годишниот извештај за владеење на правото за 2024 година, за борбата против нарко криминалот, последиците од дрогата по европските граѓани и потребата за ефективен европски одговор за справувањето со нив, за потребата од ревизија на регулативата на ЕУ за медицински помагала, како и за случаи на прекршување на човековите права и принципите на демократијата и владеењето на правото во Турција, Кина и Ирак и за начините за спречување на користењето средства од европските фондови за финансирање на субјекти или поединци поврзани со терористички или исламистички движења. 

За в четврток е предвидено заседание на Конференцијата на претседателите, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на кој се очекува усвојување на деталниот план, со датуми и сатници, за сослушувањата на кандидатите за еврокомесари, кои треба да започнат на 4 ноември. 

Овонеделното парламентарно заседание започна синоќа со воведно обраќање на Мецола по повод годишнината од терористичките напади на Хамас врз Израел, што се случија на 7 октомври 2023 година и кои предизвикаа војна во Газа и ескалација на тензиите на Блискиот Исток. Во продолжение на синоќешното заседание, европратениците дебатираа и за повторно воведување на контроли на внатрешните граници меѓу голем број земји членки на ЕУ и нивните импликации врз Шенген зоната, за борбата против родово базираното насилство во Европа, за справувањето со лажните вести, популизмот и дезинформациите и важноста на јавните радиодифузни сервиси, медиумскиот плурализам и независното новинарство, како и за потребните мерки за справување со последиците од климатските промени, како што беа пожарите во Јужна Европа годинава. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан