• петок, 22 ноември 2024

Засега тројца кандидати за лидер на СДСМ, денеска истекува рокот за кандидирање

Засега тројца кандидати за лидер на СДСМ, денеска истекува рокот за кандидирање

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) – Во трката за лидерска позиција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, засега влегуваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник, Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска, како и актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони, Јован Деспотовски. Тројцата претенденти во текот на вчерашниот ден ги поднесоа своите кандидатури, истакнувајќи ја потребата од обнова на партијата.

Пред седиштето на СДСМ Филипче изјави дека заедно со кандидатурата доставува и програма која се темели на информации, сугестии и барања, од како што рече, огромниот број на членови со кои имал чести средби изминативе месеци. Истакна дека во трката влегува сам, бидејќи смета дека оној којшто ќе биде избран за претседател треба тимот да го направи по изборот.

– Порака до гласачите членови на СДСМ. Доколку бидам избран за претседател ќе работам навистина посветено, така како што јас знам. Сакам да упатам порака дека резултатите ќе ги видат многу рано, такви позитивни промени какви и што бараат самите членови и дека ниту еден член никогаш повеќе во партијата нема да остане по страна, несослушан. Ќе бидам достапен во секој еден момент на денот, изјави Филипче.

Поранешната министерка за одбрана, Петровска, која воедно е и претседавач на Централниот одбор на СДСМ, рече дека по изборниот пораз на партијата потребни се јасни приоритети, бидејќи Социјалдемократскиот сојуз и во минатото доживувал порази, но овојпат рече ситуацијата е специфична имајќи ги предвид политичките околности во државата. 

На новинарско прашање од МИА, во врска со стратегиите за обединување на членството, Петровска рече доколку биде избрана за претседателка на СДСМ ќе иницира чести внатрепартиски дебати, за кои рече, досегашните функционери на партијата ги ставиле во втор план. Посочи дека добила поддршка од некои поранешни функционери на партијата, но како што рече, не би ги злоупотребувала нивните имиња.

Деспотовски пак, со симболична порака од пред Музејот на Град Скопје ја најави својата кандидатура за претседател на СДСМ и најави дека доколку биде избран ќе спроведе нов механизам преку кој партијата ќе дејствува како конструктивна опозиција. Тој истакна дека ќе формира влада во сенка, за која рече ќе биде опција на граѓаните да размислуваат и да споредуваат.

– СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација и има потреба од еден нов почеток. Она што го објавуваме денеска, една нова програма за нов почеток за нов СДСМ. Веруваме и ќе се залагаме целата наша програма, целиот наш тим, ќе работи на тоа исто како што Скопје, успеа да се подигне од пепелта, да се обнови и да стане убав град, така и СДСМ повторно ќе почне и ќе биде нова партија која што ќе обединува, не само своите членови, туку ќе биде партија на сите граѓани, порача Деспотовски.

Тој ги повика своите противкандидати заеднички да се залагаат за фер изборен процес во партијата, бидејќи, како што рече, само со чист изборен процес Социјалдемократскиот сојуз ќе може да влезе во процес на повторно градење.

Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае заклучно со денеска. Внатрепартиските избори се распишани со одлука на Извршниот одбор и ќе се одржат на 30 јуни оваа година. 

Во меѓувреме, со одлука на Централниот одбор на 9 јуни ќе се одржи отчетен Конгрес, на кој покрај анализите на причините за изборниот резултат, Централниот одбор ќе предложи и измени на Статутот на партијата, односно мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години. ра/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан