Засадени нови декоративни зимзелени дрвца во Крива Паланка
- Јавното претпријатие „Комуналец" од Крива Паланка набави околу 200 садници разни видови декоративни зимзелени дрвца кои се засадени на повеќе локации во Општина Крива Паланка.
Крива Паланка, 27 јуни 2022 (МИА) - Јавното претпријатие „Комуналец" од Крива Паланка набави околу 200 садници разни видови декоративни зимзелени дрвца кои се засадени на повеќе локации во Општина Крива Паланка.
Набавката е извршена согласно годишната програма за 2022 година на секторот паркови и зеленило во претпријатието.
- Во координација со градоначалникот и локалната самоуправа, направено е модерно и во нов стил хортикултурно уредување на клучките на влезот и излезот од градот, на јавните зелени површини на спојот на главната улица св.Јоаким Осоговски со магистралниот пат А2, Куманово -Крива Паланка, како и на крајпатните зелени и уредени површини и во централниот градски парк. Засадени се декоративни садници: туја, лилјани, царекс, спиреа јапоника, селикс интегра, фотинија, нандина и други. Со ова дополнително е разубавен градот покрај редовното обновување на цветните површини и цветните декоративни форми, изјави Миле Марковски, директор на ЈП Комуналец, Крива Паланка.
Секторот паркови и зеленило во претпријатието работи на одржување на урбаното зеленило во кејот на Крива Река, покрај ролерско-велосипедската патека, на сите уредени јавни зелени површини, како и на подигнување нови зелени површини во градот. ид/цр