• вторник, 17 март 2026

Започнува вакцинација на добитокот во Република Кипар по зголемениот број случаи на шап и лигавка

Започнува вакцинација на добитокот во Република Кипар по зголемениот број случаи на шап и лигавка

Никозија, 25 февруари 2026 (МИА) – Ветеринарните служби во Република Кипар денеска се очекува да започнат со вакцинација на добитокот за шап и лигавка, поради зголемениот број случаи регистрирани во 11 сточарски фарми со погодени околу 14.000 животни, јави дописничката на МИА од Атина.

Според кипарските медиуми, станува збор за гигантска програма за вакцинација што ќе започне од регионот на Ларнака, односно онаму каде што се регистрирани случаите и постепено ќе се прошири низ целата територија на земјата.

Лидерот на кипарските Турци Туфан Ерхурман на вчерашната средба со кипарскиот претседател Никос Христодулидис се осврна и на болеста кај добитокот, посочи дека по добиеното барање за испраќање 20 илјади дози вакцини, денеска ќе стигнат 10 илјади, а останатите 10 илјади за неколку дена ќе бидат во Република Кипар и нагласи дека станува збор за заеднички проблем на островот и дека постои ризик од зараза од двете страни.

Од Европската Комисија за кипарската новинска агенција ЦНА посочиле дека ќе обезбедат секаква можна поддршка, во периодот од 24 до 27 февруари тим експерти на ЕУ ќе бидат во земјата, но и дека во наредните денови ќе бидат испратени 529.000 дози вакцини.

Исто така додаделе дека извозот на животни чувствителни на шап и лигавка и на непреработени производи од животинско потекло кон трети земји привремено се суспендира, но дека сепак, постои можност за отстапки кога станува збор за млеко и млечни производи што поминале термичка обработка, а како пример го споменале кипарското сирење халуми, што преку пастеризација може да се извезува за пазарот на ЕУ.

Вчера попладне, како што информираа од Министерството за земјоделство, земјоделски развој и животна средина на Кипар, бил одржан широк состанок со цел оперативна координација и зајакнување на мерките за справување со случаите на шап и лигавка.

Посочија дека досега се регистрирани случаи во 11 сточарски фарми во четири области при што се погодени околу 14.000 животни (говеда, свињи, овци и кози) и „во согласност со предвидените протоколи веќе е започната постапката за усмртување и закопување на заразените животни, а во погодените области се поставени системи за дезинфекција и се применуваат строги мерки на биолошка безбедност“.

На состанокот било одлучено да се активира и посебен национален план за справување со состојбата и отворање 24-часовен Центар за управување со кризни состојби.

- Основен приоритет останува ограничувањето на случаите во веќе погодените подрачја, строго регулирање на движењето во сточарските зони и засилување на надзорот, со цел ефикасно да се спречи понатамошно ширење на болеста. Надлежните служби остануваат во постојана оперативна готовност и продолжуваат со потребните активности за ефикасно управување со состојбата, со цел брзо сузбивање на случаите и обезбедување на сточарското производство и економската стабилност, соопштија од надлежното Министерство. ср/јт/

Фото: ЦНА

Остани поврзан